Речиси само еден процент од Данците биле во контакт со новиот коронавирус и развиле антитела, што значи дека постои голема опасност од втор бран на епидемијата, соопшти агенцијата задолжена за надзор на заразни болести при Министерството за здравство на Данска.
Првичните резултати од студијата се објавени во период кога данскиот парламент одлучи да се премине во нова фаза од укинување на мерките во земјата.
Во студијата, по случаен избор, биле избрани 2 500 граѓани, а досега 1 700 доброволно се согласиле да бидат тестирани за да се утврди дали кај нив има присуство на антитела. Од нив, кај нешто помалку од 1 процент, односно кај 12 лица, биле пронајдени антитела.
Сепак, агенцијата нагласува дека станува збор за прелиминарни резултати и дека сè уште не може да се каже дали тие резултати ја даваат целокупната слика за популацијата во земјата.
Но, дел од данските експерти сметаат дека резултатите се загрижувачки затоа што покажуваат дека Данска може да биде на удар од втор бран.
„На колективно ниво немаме отпорност на вирусот и тоа значи дека постои потенцијал за повторно избувнување на епидемијата“,
изјавил Јенс Лундгрен, специјалист за заразни болести.
Во Данска досега се дијагностицирани 11 117 случаи со ковид-19, од кои 9 536 се излекувале, а 554 починале.