„Директорот на студентскиот дом не си ја извршува својата функција и затоа ќе мора да преземеме чекори во најблиска иднина да побараме и да поставиме нов директор. Да, студентите се жалат дека нема топла вода, дека храната е на ниско ниво и не можеме да дозволиме неодговорни луѓе и понатаму да си играат со судбината на студентите“, изјави денеска од Штип, министерката за образование и наука
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави оти очекува во наредните два-три дена да се решат проблемите со кои се соочуваат студентите сместени во Студентскиот дом „Пелагонија“.

Дел од медиумите изминатите неколку дена пренесоа реакции на студенти сместени во овој дом, кои сведочат за супстандардните услови во кои живеат и ги подготвуваат испитите.
Недостиг на топла вода, нефункционални лифтови, стаорци во тоалетите, протечени ѕидови и намален квалитет на храната, се само дел од предизвиците со кои се соочуваат тие, објави новинската агенција „Мета“.
Домот, според информациите во медиумите, речиси еден месец функционира без директор, откако актуелниот, Агим Фејзулаху, си поднел оставка од функцијата што ја извршуваше изминатите четири години.
Како што, објави вчера ТВ Алсат, тој оставката ја поднел пред две недели, а од Министерството за образование и наука на прашање од телевизијата одговориле дека во текот на оваа недела треба да биде назначен нов в.д. директор и со тоа да се решат настанатите проблеми.
Прашана дали ќе има интервенција во Студентскиот дом „Пелагонија“ поради лошата состојба во која се наоѓа, министерката Јаневска одговори:
„Мора да има. Значи, слушам различни шпекулации, директорот на студентскиот дом не си ја извршува својата функција и затоа ќе мора да преземеме чекори да во најблиска иднина побараме и поставиме нов директор. Да, студентите се жалат дека нема топла вода, дека храната е на ниско ниво и не можеме да дозволиме неодговорни луѓе и понатаму да си играат со судбината на студентите. Младите се исклучително важни за оваа држава, ние обезбедуваме средства од буџетот, од граѓаните, и секој раководител мора сериозно да си ја сфати работата, така што јас очекувам најдоцна во овие два-три дена и тој проблем ќе се реши“,
Таа за време на денешната посета на штипската гимназија „Славчо Стојменски“ најави дека со новиот буџет за 2025 година се предвидени околу 30 милиони евра или 18 отсто повеќе средства за студентскиот стандард во споредба со оваа година.