Од Универзитетското студентско собрание на универзитетот Свети Кирил и Методиј велат дека протестот има за цел да се истакне потребата од поголема ефикасност на Министерството за образование, да се искаже револтот на студентите поради ненавремента исплата на продолжените студентски стипендии, задоцнетите исплати на ваучерите за превоз и доцнењата со исплатите по склучувањето на спогодбите за ретроактивна исплата на стипендиите

Министерството за образование ќе биде институцијата пред која утре ќе протестираат студентите револтирани од ненавременото исплаќање на обврските кон нив. Протестот е закажан за во 14 часот, а повикот е од Универзитетското студентско собрание на универзитетот Свети Кирил и Методиј (УСС УКИМ) во Скопје заедно со Факултетските студентски собранија на УКИМ и со поддршка од Универзитетските студентски собранија на УКЛО, УГД, Мајка Тереза, АУЕ-ФОН и Американ Колеџ.
Од УСС УКИМ велат дека протестот има за цел да се истакне потребата од поголема ефикасност на институцијата, да се искаже револтот на студентите поради ненавремента исплата на продолжените студентски стипендии, задоцнетите исплати на ваучерите за превоз и доцнењата со исплатите по склучувањето на спогодбите за ретроактивна исплата на стипендиите. Студентите на протестот ќе ги истакнат и проблемите со субвенционираниот студентски оброк и непочитувањето на зададените рокови и координираноста помеѓу одделенијата во институцијата.
„Како студенти, време е да ги кренеме своите гласови и обединето да излеземе против неправдите врз нас и против неефикасното работење на Министерството за образование“,
велат од УСС УКИМ.
Организацијата Студентски отпор најави дека ќе се приклучи на протестот пред Министерството за образование и наука. Тие се револтирани поради, како што велат, неефикасното работење на МОН и доцнењето на стипендиите за постојните и за новите корисници.
„И покрај најавите на МОН дека стипендиите за месец октомври и останатите ќе бидат исплатени на 1 февруари како краен рок, сепак нашите трансакциски сметки останаа празни. Средства кои денес ги немаме, а сме приморани да ги користиме за покривање на трошоците за запишување на семестар и останати тековни трошоци за студирање. Исто така веќе две години ги пробиваат сите рокови за започнување на реконструкцијата на студентските домови кои се со субстандардни услови, а многупати досега беше ветено дека ќе се започне реконструкцијата во најбрз можен рок“,
велат од Студентски отпор.