Од раководството на Комората од министерот Бесими побарале и намалување на данокот на добивка на осум отсто, унифицирање на царинските тарифи со земјите од ЕУ и регионот, забрзување на враќањето на ДДВ за микро и малите компании, како и поголема транспарентност во однос на државниот буџет, буџетските ставки и нивното трошење

Данокот за солидарност да се плаќа на рати и да се продолжи рокот за исплата, побарале денеска од Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) од министерот за финансии Фатмир Бесими.
Од раководството на Комората, како што наведуваат во соопштението, од министерот Бесими побарале и намалување на данокот на добивка на осум отсто, унифицирање на царинските тарифи со земјите од ЕУ и регионот, забрзување на враќањето на ДДВ за микро и малите компании, како и поголема транспарентност во однос на државниот буџет, буџетските ставки и нивното трошење.
На средбата во Комората, СКСЗМ како приоритет ја посочиле работната сила, ставајќи посебен акцент на нивното континуирано барање за намалување на придонесите од плата како предуслов за зголемување на стандардот, спречување на емиграцијата и борба против неформалната економија.
Што се однесува до неформалната економија, во соопштението се вели дека претседателот на СКСЗМ Менди Ќура и членовите на раководството на Комората, предложиле дигитализација и намалување на трошоците при трансакции по пост терминали, како и соодветен мониторинг од страна на Народната банка во однос на Закон за платежни услуги и платни системи.
„Како столб на работата на СКСЗМ која ja промовираме и бараме да се применува во сите институции од сите нивоа, е транспарентноста и отчетноста. Се бараше поголема транспарентност на буџетот, буџетските ставки и нивното трошење за да се капитализираат сите тековни средства кои ги трошат институциите. Претседателот Ќура побара да има и претставници на СКСЗМ во работното тело за составување на годишниот буџет, со цел да имаме можност да придонесеме во согласност со потребите на бизнисот“,
се додава во соопштението од СКСЗМ.
Минатата недела, директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на компаниите им даде рок до 24 ноември да го платат солидарниот данок, во спротивно најави дека сметките ќе им бидат блокирани.
Според Лукаревска пријавена обврска за плаќање на данокот на солидарност имале 150 даночни обврзници. а само 99 од нив ја завршиле обврската навреме.
Данокот за солидарност се однесува на сите компании кои минатата година оствариле приход поголем од 10 милиони евра и имаат поголема добивка за 20 отсто од четиригодишниот просек. Разликата во приходите кои го надминуваат просекот ќе им биде оданочена со 30 отсто. Со оваа еднократна давачка се очекува во буџетот да се соберат средства кои би се искористиле за антикризни мерки.
