Столтенберг го поддржа формирањето на Заедницата на српски општини во Косово со оценка дека тоа би било клучот за нормализирање на односите
Имаме поинакво гледање на настаните во Бањска на северно Косово, но ги разбираме барањата на НАТО и Западот, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата во Белград со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој побара сторителите на овие настани да бидат изведени пред лицето на правдата.
„Некои членки на НАТО беа нападнати во мај (во судирите меѓу локалните Срби и КФОР), во септември видовме уште една појава на насилство во Косово. По тоа насилство (во Бањска), НАТО распореди дополнителни 1 000 војници и тешко оружје на Косово. Ова е најголемото зголемување на контингентот на НАТО во последната деценија и покажува дека НАТО е подготвен да го зачува мирот“,
рече Столтенберг на заедничката прес-конференција со Вучиќ, пренесува Бета.
Тој изрази очекување од сите страни да ги намалат тензиите и да се воздржат од ескалација на акции.
„Трупањето сили на српската војска во близина на премините (границата) нема да помогне“,
дециден беше генералниот секретар на НАТО.
Столтенберг го поддржа формирањето на Заедницата на српски општини во Косово со оценка дека тоа би било „клучот за нормализирање на односите“.
„Ги повикувам Србија и Косово да се вклучат во дијалог под покровителство на Европската Унија, тоа е единствениот начин за траен мир и стабилност“,
рече Столтенберг.
Српскиот претседател се повика на изјавата на Столтенберг дека КФОР обезбедува мир и безбедност за сите заедници во Косово нагласувајќи дека немало потреба да се обезбеди мир и безбедност за никој друг, „освен за Србите, кои се единствените кои се напаѓани“.
„Само Србите се напаѓани од 2001 година, особено откако Албин Курти е на власт. Го информирав Столтенберг за фактот дека 13 отсто од Србите го напуштиле северот на Косово само во минатата година поради огромниот притисок, апсењата, малтретирањето и заканите од режимот во Приштина“,
рече Вучиќ.
Тој кажа дека има поинаков поглед на она што се случи во Бањска, но и дека добро разбира кои се барањата на Западот, а кои барањата на НАТО.
Тој додаде дека српската војска не ги пречекорила своите овластувања и дека имала коректен однос со НАТО и КФОР, „а каде што ќе се распоредува војската е нашата работа“.
Генералниот секретар на НАТО рече и дека разговарале за повторно одржување на заедничките воени вежби на Србија и НАТО на што Вучиќ кажа дека секогаш ќе соработува со НАТО, и дека како врховен командант ќе испрати барање до Владата да ја разгледа одлуката за почеток на одржување заеднички вежби со НАТО.