Линијата на фронтот во Украина се стабилизира откако украинските сили минатиот месец постигнаа извонреден успех во ослободувањето на градот Херсон и околните области на западниот брег на реката Днепар
Русија се обидува да ги замрзне борбите во Украина во текот на зимата со цел да ги прегрупира, обнови и зајакне своите трупи за нов напад на пролет, изјави денеска шефот на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Гледаме дека Русија во овој момент се обидува да наметне некаков вид замрзнување на конфликтот, барем на некое време, за да може да се регрупира и да закрепне и потоа да се обиде да започне уште поголема офанзива следната пролет“,
рече Столтенберг во рамки на настан организиран од британскиот дневен весник „Фајненшл тајмс“.
Генералниот секретар на Атлантската алијанса рече дека членките на НАТО продолжуваат да ја снабдуваат Украина со оружје и со поддршка, што е „без преседан“ и покрај стравувањата од можното исцрпување на резервите на западните земји.
„Испораката на ново оружје е исто толку важна како и гаранцијата дека системите или оружјето што веќе ги испорачавме се навистина оперативни или ефикасно функционираат. Им треба значително количество муниција, резервни делови и делови за одржување“,
рече Столтенберг.
Линијата на фронтот во Украина се стабилизира откако украинските сили минатиот месец постигнаа извонреден успех во ослободувањето на градот Херсон и околните области на западниот брег на реката Днепар. Најжестоките борби моментално се концентрирани околу источниот град Бахмут, кој руските сили се обидуваат да го освојат со месеци.
Соединетите Држави веруваат дека борбите би можеле да продолжат со „намалено темпо“ во наредните месеци, додека двете страни се обидуваат да ги обноват своите воени сили.
Столтенберг, исто така, рече дека „нема дополнителни информации“ за наводни напади од украински беспилотни летала врз воздушните бази во Русија, откако Американците тврдеа дека „ниту дозволиле, ниту поттикнувале“ такви напади од Киев.
Шефот на НАТО во моментов смета дека условите за мирно решавање на конфликтот „не се исполнети, имајќи предвид дека Русија не покажала никаков ангажман во преговорите за почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“.