Државниот инспекторатот ќе санкционира сѐ што е надвор од она што е пропишано со закон. Зависно од големината на субјектот, казните се движат до 400 илјади евра, вели првиот човек на Инспекторатот за животна средина Сретен Стојковски

Директорот на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Сретен Стојковски, вели дека во случај на недостиг на главниот енергенс – гас, топланите можат десет дена да работат на мазут, а за подолго потребна им е дополнителна дозвола од Министерството за животна средина.
„Ставот на Министерството за животна средина го имате слушнато, а тоа е дека на пазарот има гас и нема да се дозволи овие постројки да работи на друг енергенс освен на гас и во нивните дозволи е наведено дека во случај да нема гас на пазарот, тие може да работат десет дена на мазут. Државниот инспекторат ќе ја следи дозволата што им е издадена“,
кажа Стојковски на новинарско прашање при денешната прес-конференција на ДИЖС, кои одбележуваат 26 години постоење.
За сите активности по истекот на десетте дена, топланите „Исток“ и „Запад“ во Скопје треба да добијат дополнителна дозвола, додека топланата „Скопје Север“ е во надлежност на Град Скопје посочи Стојковски.
„За сите наредни активности што се надвор од дозволата, топланите мора да добијат согласност од Министерството за животна средина. Државниот инспекторат ги контролира актите што ги издава Министерството за животна средина и тоа што пишува таму, не е стручен орган да дава мислење дали можат да работат или не можат, ние ги контролираме во тој дел и кажуваме – доколку сакаат да работат повеќе од 10 дена, треба да обезбедат соодветна дозвола од Министерството за животна средина“,
вели првиот човек на ДИЖС.
Тој посочи дека сѐ што е надвор од она што е пропишано согласно закон, Државниот инспекторатот ќе го санкционира. Зависно од големината на субјектот, казните се движат до 400 илјади евра.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска уверува дека парно за граѓаните и гас за компаниите ќе има и по 1 јануари и скопјани непречено ќе се снабдуваат.
Уверувањето од Ковачевски доаѓа откако утрово „ЕСМ продажба“ објави нов повик за прибирање понуди од домашни и странски компании кои можат да обезбедат и испорачаат потребни количества на гас за производство на топлинска енергија за топланите, како и за преостанатите потрошувачи на природен гас во државата. Објавувањето на повикот доаѓа по најавите дека од 1 јануари „Макпетрол“ нема да испорачува природен гас до неговите корисници.