Според првиот човек на Центарот за јавно здравје – Скопје, укинувањето на задолжителните ПЦР-тестови на границите што го предлага Комисијата за заразни болести, не е ризик за трансмисија на вирусот сѐ додека граѓаните ги почитуваат мерките за заштита
Коментирајќи ги критиките во јавноста дека нелогично е од една страна да се воведуваат рестрикции во угостителството, а истовремено да се предлага укинување на задолжителните ПЦР-тестови на граничните премини, директорот на Центарот за јавно здравје во Скопје, Александар Стојанов, во изјава за Телма вели дека целта на новите мерки е да се забранат групирања на граѓани.
Дали границите се отворени или не, според Стојанов, нема голема улога сѐ додека граѓаните ги почитуваат мерките за заштита.
„Зборуваме за групирање. Ако се отворат границите, нема групирање. Ситуацијата во Косово, Албанија, Црна Гора, Бугарија, Србија е иста. Значи иста ситуација имате на овој дел од Балканот, да не речам во светот. Шенген-зоната, Западна Европа нигде немаат граници, а имаат дури и полоши мерки. Ама ако пуштите навивачи од Косово да дојдат на натпревар, тогаш имате групирање. Значи, проблем е групирањето, а не границите. Ако ги зачувате мерките за претпазливост сегде, сегде ќе биде исто. Вие исто имате шанса да добиете ковид-19 во Приштина, во Ниш или во Прилеп. Значи, мерките за заштита се најбитни во моментов, а не границите. Групирањето е ризикот. А тоа го имаме и во Дебар Маало и на стадион и сегде, без разлика дали се отворени и затворени границите“,
вели Стојанов.
Тој вели дека веќе има внатрешна автохтона инфекција која се шири низ државата. На прашањето зошто веќе не се зборува за кластери, Стојанов вели дека причина е тоа што и конфекциите и градинките почнале во целост да ги почитуваат мерките.
„Ако тогаш имавме кластери во конфекции или градинки, сега можеби почнаа да почитуваат мерки. Сега немаме кластери, ама имаме широко распостранета инфекција. Имаме по некоја фамилија, но немаме некои големи кластери. Кластери нема, но има широко распостранување“,
вели Стојанов.