ВМРО-ДПМНЕ внимава и на персоналните решенија што се нудат во коалициските преговори, при што тие не треба да бидат ниту компромитирани на кој било начин и да се посветени кон работата – вели портпаролот на партијата
Преговарачкиот процес за состав на влада се базира на принципи, пред сè, со акцент на евроинтегративниот процес, борбата против криминалот и корупцијата и економските реформи, рече денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на прес-конференција.
„Она што можам засега да го кажам е дека преговарачкиот процес се базира на принципи, пред сè, нели на евроинтегративниот процес, борбата против криминалот и корупцијата, како и од потребата од одредени реформи за забрзан економски развој“,
рече Стоилковски одговарајќи на новинарско прашање до каде се преговорите со коалициските партнери.
Стоилковски додаде дека во тој контекст ВМРО-ДПМНЕ внимава и на персоналните решенија што се нудат во коалициските преговори, при што тие не треба да бидат компромитирани на кој било начин и да се посветени кон работата и реформите што ќе следуваат.
„Засега она што може да се каже е дека преговорите се во напредна фаза, но сè уште нема конечен договор и се до официјално моментот кога ќе може да се соопшти нема да соопштуваме никакви детали. Се разговара и за ресори што се од економска и политичка природа, но најважно е тие да ги прифатат принципите на Владата и генералните програмски определби“,
изјави Стоилковски.
Во преговорите се внимава на квалитетот на самата поделба и на бројката што ВМРО-ДПМНЕ ја има во освоени пратеници за овој парламентарен состав, вели тој. Преговорите помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и потенцијалните владини партнери продолжуваат и во наредните денови.
За потсетување, на последните парламентарни избори одржани на 8 мај, ВМРО-ДПМНЕ освои 58 пратенички мандати, а отворено даде поддршка на коалицијата „Вреди“ која има вкупно 14 мандати со која се обидува да го дефинира следниот владин состав.