Различно во денешниот настап на опозициската партија е што последната од канонадите обвинувања кон власта во врска со контроверзниот договор со „Бехтел ни Енка“, наместо од партиското седиште, беше испратена од местото каде што пред еден месец Владата на свечен настан го означи почетокот на изградбата на делот од Коридорот 8. Застанат пред таблата со натпис „Поставување камен-темелник на проектот Коридор 8“ во близина патарината помеѓу Тетово и Гостивар, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, констатира дека речиси два месеци од потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ (на 8 март) и еден месец од прославата за камен-темелникот, теренот на кој треба да се гради е сè уште обраснат со трева и нема никакви градежни активности
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно ја обвини Владата дека почнала со исплата на 117 милиони евра за изведбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, но на терен, како што велат од партијата, сè уште нема никакви градежни активности.
Различно во денешниот настап на опозициската партија е што последната од канонадите обвинувања кон власта во врска со контроверзниот договор со „Бехтел ни Енка“, наместо од партиското седиште, беше испратена од местото каде што пред еден месец Владата на свечен настан го означи почетокот на изградбата на делот од Коридорот 8.

Застанат пред таблата со натпис „Поставување камен темелник на проектот Коридор 8“ во близина на патарината помеѓу Тетово и Гостивар, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, констатира дека речиси два месеци од потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ (на 8 март) и еден месец од прославата за камен-темелникот, теренот на кој треба да се гради е сè уште обраснат со трева и нема никакви градежни активности.
Прикажувајќи ја состојбата на теренот, тој рече дека исплатите од државата кон американско-турскиот конзорциум нема да се задржат на 117 милиони евра, туку дека сумата ќе надмине 300 милиони евра, поради пенали, а без во меѓувреме да има некакви градежни активности.
„Почитувани, таблата сè уште стои, речиси два месеци по договорот, од 8 март, а еден месец по прославата токму тука кај патарината помеѓу Тетово и Гостивар на 4 април, ама теренот зад мене сè уште е трева и нема никакви градежни активности. Единствена активност во оваа држава е плаќањето на 117 милиони евра, без работа на терен. И таа сума ќе надмине 300 милиони, заради пенали, пак без работа на терен“,
рече Стоилковски.
Тој на прес-конференцијата „на отворено“ покажа лист хартија со отпечатен текст, за кој, како што рече, е страницата 119 од договорот со „Бехтел и Енка“ или втора страница од делот на договорот означен како Распоред 1 (Schedule 1), што се однесува на една од ставките што ги предвидуваат финансиските импликации од 117 милиони евра.
Портпарол рече дека ексклузивно прикажува дел од договорот, кој е таен за јавноста, а кој, како што и претходно соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, партијата го добила во целост од „свиркач“.
„Една од ставките која што ги предвидува финансиски импликации во висина од 117 милиони евра се однесува на дел од Договорот наречен Contractor establishment payment. Страница 119 од договорот, или втора страница од делот Schedule 1. Ова е ексклузивно дел од Договорот кој власта го крие, а ‘свиркач’ го достави до ВМРО-ДПМНЕ!“,
рече Стоилковски.
Понатаму, тој продолжи со цитирање во „слободен превод“ на содржината на делот од договорот:
„Во слободен превод: „Плаќањето се ресурси за проектот за изведувачот, да се иницираат предградежни и административни активности, како што се формирање канцеларија на изведувачот, кампови и капацитети за поддршка на предградежните активности, подготовки, планот за безбедност на локацијата и здравје, првична испорака на опрема и материјали” (ама веројатно материјали за кампот и канцелариите) како ‘и формирање лабораторија’“
По ова тој констатира:
„Нема градилиште, нема градба, а пари се исплаќаат! Владата на ДУИ и помалиот партнер СДС, го кријат договорот, потврдија дека исплатиле пари, токму како што пишува тука. Државата со овој ваков договор ја ставија во должничко ропство. Мора треба да има одговорност. Не ги плаќаат овие пари од сопствен џеб. Во нормална држава, за ваков договор, со пенали заради членови во договор надвор од закон и Устав треба секој ден да има нова оставка и нов процес!“
Во саботата Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) преку писмено соопштение информираше дека е извршен првиот трансфер на сметката на претпријатието на средства наменети за изградбата на коридорите 8 и 10-д.
Оттаму информираа дека се исплатени средства кон ЈПДП во висина од 7 254 000 000 денари или 117 000 000 евра“, наменети за мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување кампови, лабораторија и други работи од страна на „Бехтел и Енка“ пред да се почне со градежните активности на трасите.
Во врска со пеналите, министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски, во чиј ресор е најавената изградба на четирите автопатски делници, во интервју за МИА објавено истиот тврди дека пенали кон изведувачот нема да има. Спротивно на него, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Општина Босилово рече дека државата до 6 мај треба да му исплати на американско-турскиот конзорциум 53 милиони евра поради тоа што во рок од 45 дена од потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“односно до 22 април, не е овозможена 60-часовна работна недела.
Засега нема одговор и на прашањето дали пратениците со безбедносен сертификат ќе ја имаат привилегијата да добијат увид во договорот или само ќе им биде презентиран. Како што информираа денеска од Собранието по редовната координативна средба на претседателот на Законодавниот дом со пратеничките групи, единствените два заклучоци од денешниот состанок се седницата на Комисијата на која ќе се разгледува договорот да биде затворена за јавноста, а опозицијата, која патем, не доаѓа на координацијата, да одлучи и да каже пред која собраниска комисија да се разгледува договорот.