Според портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, четири лица добиле пари за документарен серијал „Убавините на Гази Баба“, а филмот сѐ уште го нема
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека поранешниот градоначалник на Гази Баба, Борис Георгиевски преку фиктивни договори исплатил над 2,5 милиони денари за новинари и режисери за само една година.
Портпаролот на партијата, Наум Стоилковски на прес-конференција рече дека документите се поднесени до Државната комисија за спречување на корупција уште во јуни годинава.
„Со потпис на Борис Геогиевски од антимакедонската СДС поранешен градоначалник на Гази Баба, само за ангажирање на четири лица коишто во општината немаат поднесено ниту еден извештај за завршена работа, се дадени над два милиони денари, преку повеќемесечни договори“,
рече Стоилковски.
Тој јавно ги именуваше лицата за кои тврди дека биле исплаќани преку општинската каса.
„Најмногу, над еден милион денари се исплатени на Бојан Кордалов, редовен аналитичар на медиумите за социјални мрежи, како и координатор на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи. Тука е и Љубиша Станковиќ новинар познат како советник во премиерскиот кабинет на СДС истовремено додека беше и новинар на национална телевизија, за една година му се исплатени над 347 илјади денари од општина Гази Баба. Исто толку се исплатени и на Санта Аргирова, уште едно звучно новинарско име, додека на Томислав Живковиќ, режисер, се исплатени околу 278 илјади денари. Вкупно, над два милиони денари општински пари исплатени на новинари, режисер и експерт за социјални мрежи“,
рече Стоилковски.
Партискиот портпарол вели дека уште четири лица добиле пари за проект, документарен серијал, „Убавините на Гази Баба“.
„Ним парите им се исплатени, но филм нема, серија нема, ниеден материјал или извештај нема поднесено до општина Гази Баба. Парите им се исплатени иако согласно договорот пари требало да добијат дури откако филмот ќе се реализира“,
рече Стоилковски.
Обвини дека Антикорупциската комисија три месеци не одговара на нивната претставка. Праша и за што биле ангажирани овие лица и што сработеле за потребите на општината.
Според него, сѐ додека институциите се во рацете на СДСМ државата ќе тоне во подлабоки кризи.