Поранешниот градоначалник на Карпош, а на овие избори кандидат на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, прогласи победа во скопската Општина Карпош. Негов противкандидат е Душко Весковски од СДСМ.
Во обраќањето пред граѓаните, Јакимовски обвини дека бил цел на разни напади, но дека знаел дека ги има граѓаните на своја страна.
„Бев омаловажуван, оспоруван, притворуван… Тргнав во овој поход, но знаев дека го имам народот на своја страна. Оваа победа се вика победа на граѓаните на Карпош. Од самиот старт знаев дека ќе дојдам до оваа ситуација. бев сигурен дека ќе победам… Знам дека во наредниот временскиот период ќе ги коригираме грешките, ќе работиме уште попосветено и поорганизирано и уште поотворени ќе бидат вратите за решавање на проблемите на граѓаните на Карпош“,
изјави Јакимовски.
Понатаму, продолжи Јакимовски, тој се однесувал „витешки“. Тој отворено кажувал што ќе прави во следните четири години, за разлика од неговиот противкандидат кој „живеел во минатото“.
Според последните податоци на Државната изборна комисија, по пребројани 44,59% од гласовите, води Стевчо Јакимовски со 51,63% освоени гласови пред Душко Весковски кој има 43,23% од гласовите. Во апсолутни бројки, Јакимовски има 6 685 гласови а Весковски 5 598.