Оттаму велат дека наводите за нерегуларности, пријавени од ОДИХР и други тимови за набљудување на изборите треба да бидат истражени
Американскиот Стејт департмент ги повика властите во Србија да соработуваат со мисијата на ОБСЕ во истрагата за наводите за изборни нерегуларности, нагласувајќи дека насилството врз новинарите, набљудувачите и изборните службеници е неприфатливо, пренесуваат српските медиуми.

Оттаму потенцираат и дека легитимноста на демократските процеси зависи од транспарентноста и подготвеноста на сите учесници да ја прифатат изборната волја.
„Фокусирани сме на соработката со Србија за зајакнување на демократската влада и владеењето на правото, подобрување на регионалната соработка, продолжување на економскиот раст и забрзување на напредокот на Србија на патот кон членство во Европската Унија. Иднината на Србија е на Запад“,
се вели во писмениот одговор на Стејт департментот на прашањето на Гласот на Америка за новите протести во Белград кои во неделата станаа насилни.
Во соопштението повторно се поздравуваат прелиминарните заклучоци на набљудувачката мисија на изборите на ОБСЕ/ОДИХР дека изборите на 17 декември им понудиле на гласачите избор на политички алтернативи.
„Со загриженост ги забележуваме наодите на ОДИХР дека изборите беа нарушени со бројни процедурални пропусти, притисоци врз јавните службеници и злоупотреба на јавните ресурси и дека овие фактори, заедно со системските предности на владејачката партија, создадоа нефер услови. Соединетите Држави ја повикуваат Србија тесно да соработува со ОБСЕ за да ги реши овие состојби“,
се вели во соопштението на Стејт департментот.
Стејт департментот вели дека наводите за нерегуларности, пријавени од ОДИХР и други тимови за набљудување на изборите треба да бидат истражени.
„Насилството насочено кон изборните органи, новинарите и акредитираните набљудувачи е неприфатливо. Партиите треба да пријават инциденти на изборни нерегуларности преку соодветни правни канали. Легитимноста на демократските процеси зависи од транспарентноста и од подготвеноста на сите страни, без разлика дали ќе победат или изгубат, да ја почитуваат волјата на народот изразена во гласањето“,
се заклучува во одговорот на Стејт департментот.