Претходно, новиот градоначалник од старт предизвика реакции, посебно од невладините еколошки организации, кога дозволи да се сечат дрвја во градот откако најави и враќање на плажите под концесија
Од заеднички интерес е зачувувањето на статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО, се согласија министерката за култура Ирена Стефоска и новиот охридски градоначалник Кирил Пецаков, кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната средба во Охрид.
На работната средба помеѓу Стефоска и Пецаков било разговарано за активностите што се реализираат и за оние што допрва треба да се преземат, а се во насока на зачувување на статусот на Охридскиот регион како заштитено подрачје од УНЕСКО.
Пецаков ја информирал Стефоска за чекорите што ги презема локалната самоуправа во насока на зачувување на статусот на Охридскиот регион под УНЕСКО. Притоа, Стефоска ја нагласила помошта што Министерството за култура е во состојба да ѝ ја дава на Општината по тоа прашање.
На средбата бил констатиран заедничкиот интерес од продолжување на веќе воспоставената практика во исполнувањето на препораките од УНЕСКО.
Пред извесно време еколошките организации се кренаа на нозе поради тоа што градоначалникот Пецаков потпишал решение со кое се одобрува сечење на 49 липи и 13 костени на улицата „Македонски просветители“ за да се направи булевар. Пецаков, пак, во своја одбрана рече дека дрвата биле стари и дека е изоставена опцијата за санирање на нивната здравствена состојба.
Пред извесно време бурни реакции предизвика и тоа што Пецаков побара од Министерството за транспорт и врски вметнување на плажите во опфатните урбанистички планови, за да може да се издаваат под концесија, и посочи дека тие не се дивоградби. Од невладината „Охрид СОС“, пак, беа децидни дека плажите не само што се дивоградби туку и влегуваат во Регистарот на нелегални градби од Општина Охрид, а изградбата на цврсти објекти во првите 50 метри од езерото го прави издавањето на таквите дозволи кривично дело.
