Денеска изутрина дојави за бомби пристигнаа на електронските адреси на вкупно 18 училишта ширум земјава. По проверките на МВР било констатирано дека станува збор за лажни дојави
Градоначалникот на опшштина Гази Баба, Бобан Стефковски, информира дека попладнево пристигнале дојави за бомби во седум општински училишта, по што евакуирани биле сите ученици и вработени.
„Попладнево во 15:47 часот во општинските основни училишта Наум Наумовски Борче, Крум Тошев, Григор Прличев, Дане Крапчев, Крсте Мисирков, Кирил и Методиј и Наум Охридски се пристигнати дојави за поставени бомби. Од страна на директорите и наставниот персонал, согласно утврдените протоколи е направена евакуација на сите ученици од зградите на училиштата и сите дечиња се на безбедно. Пријавено е до надлежните институции и очекуваме истите согласно своите надлежности да ги проверат пристигнатите дојави“,
напиша Стефковски на Фејсбук.
Денеска изутрина дојави за бомби пристигнаа на електронските адреси на вкупно 18 училишта ширум земјава. По проверките на МВР било констатирано дека станува збор за лажни дојави.
Од вкупниот број училишта, девет се во Скопје, три во Битола, две во Прилеп, две во Тетово и две во струшкиот регион.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешниот брифинг со новинарите кажа дека при анализите се покажало дека се можни три нивоа за причините за дојавите за бомби, односно за хибридните напади и тоа геостратегиски, политички и авантуристички.