Без разлика на поведените дисциплински и други постапки против поединци, Републичкото Јавно обвинителство и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција непречено функционираат и продолжуваат активно да постапуваат, информираат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. За тоа кој обвинител ќе ги преземе работите додека трае суспензијата на обвинителката Вилма Русковска, од ЈОРСМ велат дека тоа ќе биде согласно годишниот распоред, a како што пренесе МИА, замена согласно рапоредот е обвинителката Ивана Трајчева, додека во моментов сите итни и основни работи за функционирање на обвинителството ги врши обвинителката Лиле Стефанова.
„Со Решението за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител, наведениот јавен обвинител е задолжен сите предмети и ствари со кои е задолжен да ги предаде на јавниот обвинител кој со годишниот распоред треба да го менува. Сите предмети ќе бидат времено рaспоредени кај друг надлежен јавен обвинител и по нив постапката ќе продолжи со несмален интензитет“,
пишува во одговорот од ЈОРСМ.
Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал Вилма Русковска денеска за „360 степени“ изјави дека ја пишува жалбата по решението за времено оддалечување од работно место што го доби вчера. Останува на ставот дека одлуката за суспензија засега нема да ја коментира.
„Не, сè уште ми легнуваат работите. Треба да напишам и жалба. Така што – не, сè уште нема да коментирам. Жалбата што ја пишувам е за решението за времено оддалечување што треба да ја поднесам до Советот. Што ќе им пишам – ќе размислам“,
рече Русковска.
Јавното обвинителство вчера соопшти дека е поведена дисциплинска постапка за тројца обвинители за кои „постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство“. Станува збор за обвинителките Ивана Трајчевска и Елизабета Јосифовска кои одлуката ја дочекаа на одмор.
За „360 степени“ Јосифовска вели дека сè уште не го добила предлогот за поведување дисциплинска постапка.
„Веројатно предлогот ќе ми го врачат штом се вратам на работа. Сега, во оваа фаза, навистина, немам што да коментирам, не би сакала да коментирам. Најпрво, треба да видам што е содржано во предлогот, па ќе видам потоа”,
изјави Јосифовска.
Според Законот за јавното обвинителство, постапка за утврдување одговорност на јавен обвинител спроведува комисија од пет члена или нивни заменици од кои по еден од вишите јавни обвинителства (Скопје, Штип, Битола и Гостивар) и еден член од јавното обвинителство на Република Северна Македонија, избрани од колегиумите од тие обвинителства.
Од Јавното обвинителство на РСМ за „360 степени“ велат дека таму веќе функционира петчлена комисија која ги води сите дисциплиски постапки против јавни обвинители. Таа комисија ќе постапува и по предлозите за дисциплински постапки за обвинителките Русковска, Трајчева и Јосифовска.
Случувањата во обвинителството доаѓаат по претресот во Управата за финансиска полиција по што следуваа низа јавни препукувања меѓу директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми, и обвинителката Русковска.
