Компанијата е целосно подготвена за грејната сезона, во тек се ремонтните активности кои се очекува да завршат некаде до крајот на наредниот месец или почетокот на октомври и со тоа сите производни капацитети на ЕСМ да бидат ставени во функција, вели директорот Стефанов

Корисниците на централно греење следниот месец ќе ја дознаат цената по која ќе го плаќаат парното во новата грејна сезона.
Директорот на АД ЕСМ, Влатко Стефанов, вели дека се чека Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), согласно роковите, да си ја заврши работата, односно да ги проектира цените.
„Очекуваме РКЕ согласно роковите да си ја заврши работата, односно да ги проектира цените. Се надевам дека некаде почетокот или средината на септември дека ќе ја имаме веќе цената на парното греење“,
вели Стефанов.
Тој додава дека компанијата е целосно подготвена за грејната сезона и дека во тек се ремонтните активности кои се очекува да завршат некаде до крајот на наредниот месец или почетокот на октомври и со тоа сите производни капацитети на ЕСМ да бидат ставени во функција.
Стефанов се надева и дека ќе продолжи поддршката од Владата со цел, како што напомена, ЕСМ да работи продуктивно, во интерес на граѓаните, за цената да не се зголемува и да нема рестрикции.
На прашањето дали ЕСМ ќе успее навреме да го санира тоа што е во нејзина надлежност кај мостот „Беласица“ со оглед на тоа што санацијата на истиот се уште не завршена, Стефанов рече дека се целосно подготвени и оти новиот топловод ќе биде во функција до крајот на септември.
„Стариот топловод е демонтиран и со тоа се створија услови за санација на мостот која е во надлежност на Град Скопје. По завршување на активностите за санација на мостот ние ќе продолжиме со активностите односно ќе го поставиме новиот топловод којшто секако ќе биде во функција до крајот на септември“,
додаде Стефанов.
За односите со БЕГ, Стефанов рече дека тие се коректни и оти во овој момент се одвиваат тие должничко-доверителски односи за кои се надева дека на крај ќе се заврши се како што треба.