Ставот за македонскиот јазик е на дел бугарски академици, не на сите. Деновиве следиме дека за дневно политички потреби ги користат оние што велат дека ние сме некоја дијалектна форма, вели Елена Јованова – Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик во неделното интервју на Радио Слободна Европа (РСЕ).
„Ако во овој институт за македонски јазик Крсте Мисирков формиран од Блаже Конески во 1953 година Трајко Стаматоски, Тодор Димитровски, Благоја Корубин, Крум Тошев, ако дошле најголемите славистички и лингвистички умови од Европа, Америка и од светот, дали тие дошле да ја чествуваат дијалектната различност на бугарскиот јазик или дошле овде за да го проучуваат македонскиот јазик? Тоа е првиот аргумент за прифатеноста. Потоа на сите славистички конгреси кои се случуваат на секои пет години, македонските лингвисти се ценети, почитувани, прифатени. И многу наши колеги тука од институтот, од Филолошкиот факултет, од МАНУ, сакам да речам дека сме прифатени секаде во светот и едноставно, би рекла, ова се работи за дневно политички потреби. Зошто? Затоа што мислат дека на овој начин можат да направат некоја штета за Македонија, за Република Северна Македонија, за македонскиот народ и за нашите аспирации кон ЕУ“,
вели Јованова – Грујовска.
Таа вели дека и пред официјалната кодификација на јазикот 1945 година, се зборувал македонскиот јазик и посочува примери, како што „Бели мугри“ од Кочо Рацин објавена 1939, „Молскавица и Пеш по светот“ од Коле Неделковски во 1940 и 1941.
„И не само тоа, ако ги земеме книгите од цел 19 век, почетокот на 20 век, значи тука имаме примена, употреба на македонскиот јазик. Имаме одлични драми напишани меѓу двете светски војни. Претходно, во 19 век, имаме речници на повеќе јазици, на Ѓоргија Пулевски, четиријазичникот на Данаил“,
додава директорката.
Целото интервју можете да го прочитате и погледнете ТУКА.