Според најавите, „Туркиш ерлајнс“ ќе ги реализира летовите на линијата Истанбул-Охрид четирипати неделно – во понеделник, четврток, петок и недела
Развојот на нови авиолинии не е само техничко прашање, туку стратешка инвестиција во иднината на националната економија, туризмот и меѓународната соработка – порача премиерот Христијан Мицкоски на свеченоста по повод стартувањето на авиолинијата
Авион на турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ денеска слета на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, со што и официјално се означи почетокот на новата директна авионилија Истанбул-Охрид.

Развојот на нови авиолинии не е само техничко прашање, туку стратешка инвестиција во иднината на националната економија, туризмот и меѓународната соработка – порача премиерот Христијан Мицкоски кој беше присутен на свеченоста по повод стартувањето на новата авиолинија.
Оценувајќи оти земјава со својата локација на Балканот има потенцијал да стане значаен центар за воздушен сообраќај, Мицкоски рече дека Владата во оваа смисла работи на воведување нови авиолини, поттикнување нискобуџетни превозници, модернизација на аеродромите и промоција на земјата како авиотранспортен центар.

„Воведувањето нови авиолинии значи побрзо и полесно поврзување со светот, зголемување на туризмот, нови економски можности и унапредување на имиџот на нашата држава. Нашата земја има огромен туристички потенцијал. Затоа, нашата Влада активно работи на креирање политики и мерки што ќе го поттикнат туристичкиот сектор. Нашата цел е јасна – да ја направиме Македонија не само дестинација за посета, туку и место во кое туристите ќе се враќаат повторно и повторно“,
порача премиерот Мицкоски.
Од настанот се обрати и вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски. Порача дека воведената авиолинија до Истанбул е дел од визијата за развој на државата, за која рече дека ги дава првите резултати.
„Ова е резултат на обмислена стратегија, стратегија на субвенционирање што ја водиме откако бевме избрани. Веќе имаме две нови дестинации до Охрид, тоа е Истанбул и Базел, имаме нови осум дестинации од Скопје. Но од сите десет дестинации за мене најважна е Истанбул бидејќи отвора нова врата за охридскиот аеродром и за целиот регион. Во преговори сме и со една голема компанија којашто очекувам да донесе две до три нови дестинации и на тој начин да расте бројот на дестинации на охридскиот аеродром“,
рече Николоски.
Според најавите, „Туркиш ерлајнс“ ќе ги реализира летовите на линијата Истанбул-Охрид четирипати неделно – во понеделник, четврток, петок и недела. Турската авикомпанија за оваа линија ќе користи авиони „Ербас А321“, „Боинг 737-800“ и „Боинг 737-900“ од својата флота.