Од „ЕСМ – снабдување со топлина“ вчера информираа дека основните училишта во Општина Карпош нема да почнат да се греат од денеска. Од компанијата велат дека грејната сезона во овие училишта ќе почне на 1 ноември и оти тоа е на барање на Општината. Освен овие училишта, како што информираа од компанијата, топлинска енергија нема да биде испорачана и во 117 објекти каде што сè уште не се обезбедени потребните услови
Од денеска почнува грејната сезона за потрошувачите на топлинска енергија приклучени на системот за централно греење во градот Скопје. Таа ќе трае до 15 април наредната година, со можност за нејзино продолжување за уште 15 дена, во зависност од надворешните температури.

Како што информираат од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за време на грејната сезона снабдувачот е должен да обезбеди греење од 6 часот наутро до 22 часот навечер. Сепак, на стартот на сезоната во зависност од надворешните температури, односно доколку тие бидат високи, испораката на топлинска енергија ќе се прекинува, но ако се спуштат под 15 Целзиусови степени испораката ќе продолжи.
Од „ЕСМ – снабдување со топлина“ вчера информираа дека основните училишта во Општина Карпош нема да почнат да се греат од денеска. Од компанијата велат дека грејната сезона во овие училишта ќе почне на 1 ноември и оти тоа е на барање на Општината.
Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, вели дека „ЕСМ – снабдување со топлина“ нема да испорачува топлинска енергија во училиштата поради долгот што Општината го има кон компанијата.
Тој вчера на прес-конференција, изнесувајќи ги долговите што секое основно училиште го има кон ЕСМ, упати порака до Владата да го напушти популизмот и да обезбеди основните функции на државата, во кои спаѓа и образованието, да можат нормално да егзистираат и да функционираат.
Во врска со информацијата дека радијаторите во основните училишта во Општина Карпош утре ќе останат студени, вчера владината портпаролка Марија Митева прашана дали се запознаени со оваа ситуација, рече дека и претходно говореле дека претпријатијата се оставени со големи долгови, но побара време да се проверат информациите и да се види за која сума станува збор.
Инаку, од „ЕСМ – снабдување со топлина“ информираа дека освен во основните училишта во Карпош, топлинска енергија нема да биде испорачана и во 117 објекти каде што сè уште не се обезбедени потребните услови.
Според податоците од „ЕСМ – снабдување со топлина“, 25 од овие објекти имаат прекин на довод на електрична енергија во топлинската станица, во 23 објекти екипите на операторот на дистрибутивниот систем немаат пристап до топлинската станица, а 69 објекти се оневозможени да добијат испорака на топлина од системот за централно греење поради дефект во внатрешната инсталација на објектот.
„Потрошувачите и заедниците на сопственици се замолуваат што побрзо да ги отстранат дефектите на внатрешните грејни инсталации и да обезбедат непречен пристап до топлинските станици, како и континуирано напојување со електрична енергија. Ова вклучува плаќање на сметките за електрична енергија за топлинските станици и одржување на функционална електрична инсталација. Потрошувачите можат да проверат дали нивниот објект е на листата на моментално затворени објекти кои немаат услови за испорака на топлинска енергија. Оваа листа е достапна на линкот Затворени објекти – ЕСМ Снабдување (https://esm-snabduvanje.mk/?page_id=1348)“,
рекоа вчера од АД ЕСМ.
За информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, како што кажаа, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа на потрошувачи, на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100.
На топловодната мрежа на ЕСМ се приклучени 63 000 потрошувачи, од кои 61 000 се снабдуваат преку новоформираните фирми на ЕСМ за производство, дистрибуција и снабдување, додека 2 000 потрошувачи се снабдуваат преку подружницата „ЕСМ енергетика“.