Тој додаде дека засега нема никаков показател од руска страна дека искрено постои подготвеност за мир и за прекин на агресијата, па затоа, како што истакна, меѓународната заедница, вклучително и ЕУ, треба да продолжи со поддршката на Украина
Одлуките и постапките на рускиот претседател Владимир Путин јасно укажуваат на неговата решеност да продолжи со илегалната агресија врз Украина и засега нема ниту еден кредибилен мировен предлог од страна на Русија, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.
„Путин не е посветен на мирот и во кампањата за претседателските избори закажани за оваа пролет, чии резултати може да се претпостават и мислам дека се веќе утврдени, ќе има пораст на нападите и на агресијата врз Украина. Путин тоа го покажа за божиќните и новогодишните празници и го покажува секојдневно со продолжување на ескалацијата и распоредувањето на оружје, дронови и ракети и се повеќе напаѓајќи цивилни цели и инфраструктура“,
истакна Стано.
Тој додаде дека засега нема никаков показател од руска страна дека искрено постои подготвеност за мир и за прекин на агресијата, па затоа, како што истакна, меѓународната заедница, вклучително и ЕУ, треба да продолжи со поддршката на Украина.
„Кога станува збор за украинската мировна формула, ние ја сметаме за најкредибилна и најреална основа за мировно решение. На крајот секако, војната ќе биде решена на преговарачка маса, а не на бојното поле, бидејќи сите конфликти завршуваат со некаков мировен договор или капитулација. Но, ставот на ЕУ е јасен: Украина мора да победи во оваа војна, бидејќи има легитимно право на самоодбрана во услови кога Путин изјави дека сака да ги избрише Украина и украинскиот народ од картата на светот. Тоа мора да биде спречено“,
додаде Стано.
Тој потсети дека во врска со украинскиот мировен предлог се дискутирало и на средба во Давос на која учествувале претставници на околу 80 земји од целиот свет, што, според него, е особено важно, бидејќи покажува дека оваа војна одново го привлекува вниманието на меѓународната заедници, која на неа не гледа само како на агресија врз Украина, туку и како на агресија врз меѓународното право и Повелбата на ОН.
Стано нагласи дека со агресијата врз Украина, Русија не му нанесува штети само на украинскиот народ, туку и на сопствените граѓани кои „ги испраќа во оваа илегална војна да гинат во голем број“.
„Путин е решен да продолжи со оваа војна барем до завршување на претседателските избори“,
заклучи Стано.