Новинарите и медиумските работници имаат плата далеку под државниот просек, во услови на корона-криза неизвесно им е задржувањето на работното место, а сопствениците на медиумите не се заинтересирани да зборуваат за работничките права на нивните вработени.
Ова го покажува најновото истражување на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
Синдикатот во јуни годинава спроведе анкета во која биле вклучени 150 новинари и медумски работници. Најголемиот дел од нив рекле дека земаат од 15.000 до 20.000 денари плата. Дури 67 отсто не се задоволни со платата или хонорарот, а 33 проценти се задоволни.
ССНМ направи анкета и меѓу сопствениците на медиумите. Биле испратени прашалници на 50 сопственици, но на прашањата одговориле само пет.
„Анкетниот прашалник им беше доставен на газдите два пати, но тие не сметаа дека е неопходно да одговорат на прашања за работничките права и обврски во нивните медиуми“,
наведува Синдикатот.
Според ССНМ, фактот дека само пет од педесет испитаници одговориле на анкетата, доведува до неможност за донесување релевантен заклучок за тоа како сопствениците на медиумите се справуваат со влијанието на пандемијата врз нивните вработени и медиумот воопшто. Наспроти тоа се донесува заклучокот дека сопствениците на медиуми не се засегнати, ниту отворени за давање одговори на тема која ја отсликува состојбата во новинарството и работничките права на вработените во медиуми во земјава во време на пандемијата со ковид-19.
„Од добиените одговори, едниот од испитаниците – сопственик на телевизија и двајца сопственици на електронски медиуми, велат дека имаат финансиски загуби за време на пандемијата со ковид-19, која најмногу влијаела на пад на рекламите. Сепак, овие сопственици велат дека не ги намалиле платите на вработените, во кризните месеци, а нема ниту до крајот на годината. Во нивните медиуми нема отпуштања поради корона кризата. Од друга страна, двајца сопственици на електронски медиуми не претрпеле финансиски загуби за време на пандемијата со ковид-19, последователно на тоа не ги намалиле ни платите, ниту пак имале отпуштања на вработени,
истакнува Синдикатот.
Според истражувањето, синдикално организирање во медиумите е проблем за некои од сопствениците на медиуми.
„На прашањето „Дали би им правеле проблеми на вработените доколку синдикално се организираат“, еден од сопствениците на електронски медиуми одговорил со „да“. Останатите четворица испитаници се изјасниле дека не би им правеле проблем на вработените доколку синдикално се организираат“,
покажува анкетата.
ССНМ укажува и дека медиумскиот бизнис дополнително е на удар од корона-кризата. Тоа се одразило со губење работно место и намалување на платите. Четворица останале без работа, а седумнаесет проценти од медиумските работници одговориле дека им била намалена платата.
„Ова истражување покажа дека медиумските работници се на првата линија до опасноста од корона пандемијата, но и на директен финансиски удар. Потребата од помош е повеќе од очигледна, ако се земат предвид одговорите на испитанците. Седумдесет и три проценти одговориле дека им е потребна финансиска помош. Меѓу медиумските работници владее страв и паника, па така 48 одговориле дека им е потребна психолошка поддршка. Тука особено е значајно да се напомене дека 62 отсто од анкетираните потврдуваат дека овој начин на живот и работа влијаат врз нивното ментално здравје“,
посочува ССНМ.