Жените работнички биле изложени на работа во специфични услови, но и на незаконско намалување на платите, отпуштања, притисоци и вознемирување на работното место во целата измината година за време на пандемијата, информираат денеска од Сојузот на синдикати на Македонија.
Оттаму упатуваат апел до Владата да ја ратификува Конвенцијата C-190 на Меѓународната организација на трудот за спречување насилство и вознемирување на работниците, која ги заштитува работниците и другите лица во светот на работата.
„Работодавачите и Владата треба да прават повеќе за да ги спречат насилството и вознемирувањето на жените на работа, дома или било каде“,
велат од ССМ.
Потсетуваат дека мал е и бројот на жени на раководни позиции, дека помалку се платени и оти јазот на платите е најзастапен кај нискоквалификуваните жени. Затоа, сметаат дека е потребно да се обезбеди рамноправно учество на жените во економскиот, социјалниот, политичкиот и културниот живот.