Новите мерки кои ги предложи Комисијата за заразни болести се однесуваат на задолжителна вакцинација на здравствените работници, додека за вработените во јавниот сектор, пак, се остава можност да се вакцинираат или да приложуваат ПЦР-тестови кои ќе важат најмалку 72 часа. Исто така, се предлага тие да може да одат на работа и со потврда за прележан ковид не постара од 45 дена или потврда од специјалист дека лицето не може да се вакцинира. Ако се донесат овие мерки, тие ќе се однесуваат за јавниот сектор, додека за приватниот сектор се само препорачани

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) реагираше против најновите предлог-мерки за заштита од коронавирусот што ги предложи денеска Комисијата за заразни болести и порачува дека вакцинацијата мора да биде резултат на лична определба на работниците и не смее да се спроведува со присила.
„Процесот на имунизација не смее да се спроведува на штета на елементарните права на граѓаните гарантирани со Уставот, меѓународните конвенции и закони и против волјата на поединецот“,
пишува во реакцијата на ССМ.
Синдикатот информира дека во изминатиот период до него пристигнале обраќања од работници кои не се вакцинирани во кои укажуваат дека не им е дозволено да влезат на работа без сертификат за вакцинација или негативен тест направен на нивни трошок. Поради ова, од ССМ се обратиле и до Државниот инспекторат за труд (ДИТ) од каде добиле одговор дека ваквите однесувања на работодавците се незаконски.
„Во врска со пријавите од ССМ добивме и известување од ДИТ со кое сме информирани дека ваквите однесувања на работодавците кои забрануваат влез за невакцинирани работници или ги задолжуваат да донесат негативен ковид-тест на свој трошок како услов да дојдат на работа, се незаконити. ДИТ постапувајќи по пријавите на ССМ, правилно ги применил законите и по спроведен инспекциски надзор ги укинал спорните одлуки на работодавците“,
наведуваат од ССМ.
Новите мерки кои ги предложи Комисијата за заразни болести се однесуваат на задолжителна вакцинација на здравствените работници, додека за вработените во јавниот сектор, пак, се остава можност да се вакцинираат или да приложуваат ПЦР тестови кои ќе важат најмалку 72 часа. Исто така, се предлага тие да може да одат на работа и со потврда за прележан ковид не постара од 45 дена или потврда од специјалист дека лицето не може да се вакцинира. Ако се донесат овие мерки тие ќе се однесуваат за јавниот сектор, додека за приватниот сектор се само препорачани.
Меѓутоа, според изјавата на министерот за здравство, Венко Филипче, расположение за овие мерки има и кај дел од компаниите.
„Препорачуваме до овие мерки да се придржуваат и приватните компании, од кои веќе имаме потврда, и очекуваме дека ќе може да се приклучат со оглед на тоа што од Сојузот на стопански комори стигна едно писмо со слични барања, а со цел да се заштитат производствените капацитети и целокупниот производствена процес во земјата“,
рече Филипче.
Мерките ќе треба да ги донесе Владата на седница, а Комисијата ѝ препорача тие за јавниот сектор да стапат на сила 10 дена од донесувањето на одлуката, додека задолжителната вакцинација на здравствените работници да почне да се применува по 30 дена.