Не е време за пиво и скара, туку за протест и изразување на работничкото незадоволство, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, додавајќи дека главниот мотив за протест овој 1 Мај се недостоинствените плати и услови за работа
Оваа година на 1 Мај да протестираме, не да маршираме – порача претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, најавувајќи го традиционалниот првомајски марш на синдикалците. Главниот мотив за изразување протест овој 1 Мај, како што рече, се недостоинствените плати и услови за работа.

Протестот ќе почне во 11 часот пред Работничкиот дом, а повикани да земат учество се сите синдикати во рамки на ССМ, другите синдикати, работниците, граѓаните, борците и активистите за човекови права.
„Сите што му мислат добро на работникот да ни се придружат на овој 1 Мај и преку протест да изразиме работничко незадоволство поради тоа што платите во Македонија се мизерни, не се зголемуваат онака како што е предвидено со колективните договори, а Владата и работодавачите одбиваат да ја зголемат минималната плата на 500 евра и да ги зголемат сите останати плати за најмалку 100 евра“,
рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Не е време за пиво и скара, порача Трендафилов, туку за протест и изразување на работничкото незадоволство.
„Денес не е време кога треба да празнуваме, треба да менуваме традиција и ние како и сите останати земји во ЕУ да излеземе на протест и на тој начин да го изразиме работничкото незадоволство. Има многу причини за, но ниту една против излегувањето на протест на 1 Мај. Колку ќе дојдете и колку ќе дојдеме толку ќе добиеме“,
порача Трендафилов.
Прашан во врска со ставот на премиерот дека синдикатите треба да се договорат со работодавачите за минималната плата, претседателот на ССМ вели дека пораките во изминатите два месеца од Владата кон работодавачите биле никако да не седнат на заедничка маса со синдикатите и да разговараат за платите.
„Клучно е што засега никој не го одбива вториот предлог на ССМ работодавачите да бидат ослободени од плаќање на придонесите за разликата од 100 евра за да се стаса до 500 евра минимална плата. Од тоа што јас го слушам, работодавачите се на иста линија со синдикатот, меѓутоа, стравот кој се создаде во изминатите два месеци ги одвраќа да седнат и да разговараат со нас и затоа можеби Економско-социјалниот совет не може да се состане затоа што ССМ се уште не може да ја добие репрезентативноста веќе сме петти месец“,
додаде претседателот на ССМ.
Осврнувајќи се на неисплатените мартовски плати за работниците во културата, Трендафилов рече дека според неговите податоци, плата не им е исплатена ниту на вработените во Министерството за економија и труд, во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Државниот инспекторат за труд, во дел од Јавното обвинителство, во Водостопанство и во други институции во јавниот сектор.
Рече дека во овој случај работниците имаат право да поднесат тужби врз основа на колективните договори, но рече дека она што според него е загрижувачко е тоа што некој сака да предизвика крах на државниот буџет преку тужбите од страна на адвокатските канцеларии кои потоа би зеле огромни адвокатски трошоци.