На истекот на законскиот рок од шест месеци за усогласување на сите плати со порастот на минималната, која во март беше зголемена на 18 000 денари, Димовски рече дека издејствувале зголемување на платите со потпишување колективни договори во јавни комунални претпријатија во дел од општините, но не успеале, во институциите кои се под капа на државата и на Владата, поради што иницирале судска постапка
Битиќи вели дека процесот на усогласување бил прекинат со одлуката на ССМ да штрајкува
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) чека да биде повикан на прво рочиште откако на 1 септември поднесе пријава до Основниот граѓански суд за поведување постапка против Владата поради непочитување на Законот за минимална плата кој предвидува усогласување на платите на сите останати вработени во јавниот сектор онаму каде што државата е работодавач.
Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, на прес-конференција денеска рече дека на суд ќе ги изнесат нивните докази дека работниците се оштетени со тоа што не им се зголемуваат платите за 18,4 проценти согласно Законот за минимална плата.
На истекот на законскиот рок од шест месеци за усогласување на сите плати со порастот на минималната, која во март беше зголемена на 18 000 денари, Димовски рече дека издејствувале зголемување на платите со потпишување колективни договори во јавни комунални претпријатија во дел од општините, но не успеале, во институциите кои се под капа на државата и на Владата.
Средби со претставници на Владата, синдикалците немале од 1 мај, кога разговарале со вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерката Јованка Тренчевска за линеарно солидарно зголемување на платите од 2 806 денари. За новата методологија која се спомнува во изминатите месеци, рече, не се известени, а смета и дека методологија веќе постои во Законот за минималната плата.
„Тогаш не се спомнуваше никаква методологија за од август, откога исчезна и социјалниот дијалог и од кога нема повеќе средби, да има изговор дека треба да се направи методологија. Методологијата е јасно впишана во Законот за минимална плата и уште еднаш ќе повторам дека со порастот на минималната плата треба да се усогласат и останатите плати колку што таа пораснала. Имаме законско решение, имаме методологија, нека ја спроведат, а доколку сметаат дека таа не е применлива, ние сме отворени да разговараме за нова методологија. Досега ниту некој нè повикал за да направиме нова методологија, ниту сме консултирани доколку се прави методологија, која е фамозна за нас и за неа се зборува веќе од летото“,
рече претседателот на ССМ.
Додаде дека ССМ е уште во штрајк во јавниот сектор и се штрајкува секаде каде што нема зголемување по основ на Колективен договор и закон.
„Судовите си имаат постапки, а има и недостиг од судии, така што оваа битка нема да заврши сигурно за помалку од една година. Апелирам таму каде што синдикално се организирани работниците да застанат со нас бидејќи треба да се исполни законската обврска за усогласување на сите плати, и во јавниот, и во приватниот сектор“,
рече Димовски.
Речиси истовремено со Димовски, но во изјава за медиумите по конференцијата на која беше промовиран извештајот на ОЕЦД „Човечки капитал, миграција и како да ја обликуваме иднината заедно“, вицепремиерот Фатмир Битиќи повтори дека усогласување со одредено линеарно зголемување не е решение.
„Ние сакаме да дефинираме методологија за зголемување на платите во јавниот сектор која ќе биде базирана на продуктивност и ефикасност, како што тоа го бараме во приватниот сектор, а секако и со нов закон за плати во јавнот сектор“,
изјави Битиќи.
На новинарско прашање дали, согласно Законот за минимална плата, ќе се усогласат платите со порастот на минималната во законскиот рок од шест месеци кој истекува, Битиќи одговори дека процесот на усогласување бил прекинат со одлуката на ССМ да штрајкува. Најави дека ќе ги повикаат за до крајот на годината да се потпише Општ колективен договор.
Битиќи посочи дека и законот за плати и методологијата за зголемување на платите е веќе во процедура по министерствата, а дополнително, во подготовките за буџетот веќе почнуваат да се гледаат реалните можности до кое ниво може да се одиме со новата методологија.