Од ССМ додаваат дека со едностраното, необјективно и тенденциозно додавање на дејности за кои би била дозволена работата во недела, се разнишува концептот и причините поради кои се воведоа законските измени за недела – неработен ден, а тоа, како што додаваат, беше најголемиот број на работници да го користат денот недела за обнова на својата работна сила
Претходно, министерот за економија, Крешник Бектеши кажа дека измените на Законот за трговија кои ќе овозможат работа во недела за сите трговци на мало и големо во туристичките места, се веќе во собраниска процедура и оти очекува за две недели законските измени да бидат изгласани
Недопустливо и несериозно е измените во фундаменталниот закон за работно-правни односи во кои се дадени основните принципи на социјалниот дијалог, да се носат без учество на социјалните партнери и Економско-социјалниот совет. Вака Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) го коментира Предлог-законот со кој трговците и вработените во туристичките места би работеле и во недела – ден кој законски беше одлучено да биде неработен.
На овој начин, велат од ССМ, се кршат законските одредби и принципите за градење на националните стратегии и политики во сите области, а најзначајно во областа на работно – правните односи по пат на социјален дијалог со активно учество на социјалните партнери.
„Поради тоа ССМ како најброен и репрезентативен синдикат бара предложените измени и дополнувања на Законот за работни односи да се повлечат од собраниска процедура, затоа што не е спроведена постапка на анализа и целосен увид на резултатите од досегашната примена на одредбите од законот за недела неработен ден за да можат да се видат ефектите од примената на овие одредби, па дури потоа да се преземаат активности за подобрување на законскиот текст, но не во правец на намалување на правата на работниците,“
објавија од ССМ на нивниот фејсбук-профил.
Оттаму додаваат дека едностраното, необјективно и тенденциозно додавање на дејности за кои би била дозволена работата во недела, го разнишува концептот и причините поради кои се воведоа законските измени за недела – неработен ден, а тоа, како што додаваат, беше најголемиот број на работници да го користат денот недела за обнова на својата работна сила, грижа за семејството, културните, образовните, спортските и сите други реални животни потреби кои ќе обезбедат достоинствен живот за работникот и неговото семејство.
„Уште еднаш укажуваме дека ССМ бара Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи во делот на одредбите кои се однесуваат на регулирање на правото недела – неработен ден, да се повлече од собраниска процедура и да не се расправа, ниту пак да се гласа по истиот затоа што во донесувањето на законските измени исклучени се од учество работниците и синдикатите, како и поради тоа што овие измени преставуваат намалување на правата на работниците. Го следиме однесувањето на сите пратеници и партии, Вашата поддршка сега ќе биде основа за наша поддршка кон Вас во иднина“,
објавија од ССМ на фејсбук.
Претходно, министерот за економија, Крешник Бектеши кажа дека измените на Законот за трговија кои ќе овозможат работа во недела за сите трговци на мало и големо во туристичките места, се веќе во собраниска процедура и оти очекува за две недели законските измени да бидат изгласани.
За овие работници, како што рече Бектеши, нема да важи „недела неработен ден“, но вработените во трговските објекти ќе добиваат дневница поголема за 100 проценти, а останатите во дејностите кои се определени согласно Законот за работни односи ќе добијат дневници повисоки за 50 отсто.