Во декември 2022 година Порфириј доби забрана од Приштина да оди во Патријаршијата во Пеќ за Божиќ, но на 5 јануари премиерот Албин Курти ја тргна забраната на барање на министерот за враќање и заедници Ненад Рашиќ
Сигурни сме дека порано или подоцна ќе се отворат вратите на Пеќската патријаршија. Не само за нас, туку за сите луѓе со добра волја.
Ова денеска по завршувањето на литургијата во црквата „Свети Сава“ во Белград, со која се означи почетокот на одржување на Соборот на Српската православна црква (СПЦ) го изјавил српскиот патријарх Порфириј откако вчера косовските власти му забранија влез во Косово, а со тоа и да одржи литургија во манастирите во Пеќ, пренесува српската телевизија Н1.

„Денеска требаше да ја отслужиме литургијата во светата патријаршија Пеќ, но сегашните власти во Приштина ни забранија да влеземе во неа и ни ги затворија вратите“,
изјави патријархот Порфириј.
Сепак, како што нагласи српскиот патријарх, сè се случува според божји план, но и додаде дека секоја победа се извојува со верба во Господ.
Затоа, патријархот посочи и дека вратите на Пеќската патријаршија порано или подоцна ќе се отворат, за сите луѓе со добро волја, оти како што рече, епископите сега се собрани да направат се во љубов, единство и во меѓусебно разбирање за спасение на Божјиот народ.
„Вашите молитви се добредојдени и неопходни за овој Собор, како и секој досега да помине во мир и љубов“,
рече патријархот.
По свеченото отворање на Соборот, следува работниот дел на седниците кои треба да се одржат во криптата на храмот „Свети Сава“.
За потсетување, канцеларијата на Косово во владата на Србија соопшти дека првиот човек на СПЦ во понеделникот тргнал кон Косово за да учествува на Светиот архиерејски синод на СПЦ во Пеќската патријаршија, но кога стигнал до преминот „Мердаре“ бил спречен да влезе на косовска територија поради забраната наложена од Приштина.
Во декември 2022 година Порфириј доби забрана од Приштина да оди во Патријаршијата во Пеќ за Божиќ, но на 5 јануари премиерот Албин Курти ја тргна забраната на барање на министерот за враќање и заедници Ненад Рашиќ.
