Во објава на официјалната веб-страница на косовската влада се наведува дека премиерот Албин Курти дал зелено светло Порфириј да го посети Косово откако тоа од него го побарал министерот за враќање и заедници на Косово, Ненад Рашиќ
Српскиот патријарх Порфириј доби дозвола да го посети Косово како дел од подготовките за прославата на православниот Божиќ кој се слави на 7 јануари (сабота).
Во објава на официјалната веб-страница на косовската влада се наведува дека премиерот Албин Курти дал зелено светло Порфириј да го посети Косово откако тоа од него го побарал министерот за враќање и заедници на Косово, Ненад Рашиќ.
Во објавата се додава дека српскиот патријарх најавил дека денеска ќе дојде на граничниот премин меѓу Косово и Србија и дека сака да влезе без своите телохранители, иако, како што се додава, не поднел барање за посета според одредбите од постојниот договор.
Од косовската влада додаваат дека предупредувањето на патријархот Порфириј оти планира да влезе во земјата без телохранители е уште еден доказ дека Косово е побезбедна земја од Србија.
Порфириј планираше да го посети Косово на крајот на декември, но косовското Министерство за надворешни работи и дијаспора постави некои услови пред да му биде дозволен влез во Косово.
Министерството за надворешни работи тогаш соопшти дека од патријархот било побарано да ги осуди или да се воздржи од „дејствата на членовите на црквата кои даваат поддршка на криминалните групи на северот на Косово“, кои се „одговорни за блокадите“ кои биле таму во претходните денови.
Српските власти тогаш објавија дека на поглаварот на Српската православна црква му е забранет влез во Косово преку граничниот премин „Мердаре“.
Порфириј планираше да остане во Косово од 26 до 28 декември 2022 година, во време кога тензиите меѓу Косово и Србија беа високи, откако групи локални Срби подигнаа барикади во северниот дел на земјата, населен претежно со Срби.
На 28 декември Србите одлучија да ги отстранат барикадите со образложение дека нивните барања се исполнети.