На српскиот државјанин, како мерки за претпазливост за обезбедување негово присуство, му беа одземени пасошот, личната карта и возачката дозвола и му беше наложено да се јавува во суд
Странскиот државјанин, кој учествуваше во сообраќајната несреќа што минатиот викенд се случи во близина на граничниот премин „Табановце“ на македонско-српската граница, не ја напуштил државава и мерките на претпазливост кои му се определени сè уште се во сила, информира денеска Основното јавно обвинителство Куманово.
Инаку, како што пренесоа дел од српските, како и дел од медиумите во земјава, во сообраќајната несреќа во која загина 49-годишна жена учествувал српскиот музичар Ѓорѓе Давид.
„Основното јавно обвинителство Куманово ја известува јавноста дека мерките на претпазливост определени спрема странскиот државјанин кој учествуваше во тешката сообраќајна несреќа кај ’Табановце’ сè уште се во сила. Согласно информациите што ги има Обвинителството до овој момент, тој не ја напуштил државата и утрово се јавил во Судот како што му е определено“,
се наведува во информацијата од Обвинителството.
На српскиот државјанин, како мерки за претпазливост за обезбедување негово присуство, му беа одземени пасошот, личната карта и возачката дозвола и обврска да се јавува во суд.
Заради утврдување на причините за несреќата, Обвинителството нареди вештачење на трагите и материјалните докази од местото на несреќата, кои, како што информираа денеска од ОЈО Куманово, сè уште не се пристигнати.
„Резултатите од наредените вештачења неопходни за да се расчистат причините за сообраќајната несреќа се уште не се пристигнати до обвинителството“,
велат од Обвинителството.
Сообраќајната несреќа во која настрада 49-годишната жена се случи доцна вечерта на 20 јануари на автопатот Куманово – Табановце, на два километри пред граничниот премин.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) тогаш информираа дека во сообраќајката учествувале патничко возило „фолксваген поло“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Б.Т. (24) од Куманово, патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П. (45) од Куманово и патничко возило „опел инсигниа“ со српски национални ознаки, управувано од Ѓ.Н. (59) од Република Србија.
Во несреќата, како што рекоа од МВР, од здобиените повреди починала Љ.Т. (49) од Куманово, која била сопатничка во возилото „поло“. Нејзината смрт ја констатирал лекар од Итната медицинска помош во Куманово. Во несреќата потешки повреди беа констатирани кај две лица.