Дел од средношколците денеска излегоа на најавениот протест против одлуката за онлајн настава.
Протестот започна попладнево во 17:30 часот пред просториите на Министерството за образование и наука во Скопје, а треба да заврши пред Владата.
Во настанот кој го организира Сојузот на средношколци пишува дека тие бараат развој на модели за комбинирано учење, во зависност од епидемиолошките услови, а не целосна онлајн настава.
На протестот тие излегоа со транспаренти „Стоп за неквалитетно онлајн образование“, „Владата онлајн, учениците офлајн“ и др.
Барањата на Сојузот на средношколци, коишто ги објавија претходно се да има комбинирано или хибридно учење како најефикасен начин на учење за време на пандемијата, засновано врз епидемиолошката состојба во градовите, секоја општина и секое училиште посебно да одлучува како е најдобро и најбезбедно да се посетуваат часовите, праксата во стручните училишта да се извршува со физичко присуство и почитување на мерките, да се обезбедат средства за здравствена хигиена, а онлајн настава да има во случај кога различни групи или пет проценти од персоналот и учениците ќе бидат позитивни во период од 14 дена.