Шефот на дипломатијата на Португалија се залага за заеднички почеток на преговорите со ЕУ на С Македонија и на Албанија, оценувајќи дека евентуално одвојување би создало негативни консеквенции во целиот Западен Балкан
Португалија, како актуелен претседавач со ЕУ, има амбиција првата меѓувладина конференција со Северна Македонија да се одржи под португалско претседателство. Ова, како што соопштуваат од македонската Влада, го нагласил португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва, на денешната средба со македонската делегација во Брисел, предводена од премиерот Зоран Заев.
Силва додал дека Португалија, како актуелен претседавач со ЕУ, се залага за заеднички почеток на преговорите со ЕУ на Северна Македонија и на Албанија и дека одвојувањето не е решение, затоа што нешто такво ќе создаде негативни консеквенции во целиот Западен Балкан. Исто така, Силва го информирал Заев дека Португалија, како и другите земји членки на ЕУ, се против вметнување на билатералните прашања во преговарачката рамка.
Заев на средбата изразил благодарност за напорите што ги прави Португалија, како актуелен претседавач со ЕУ, за да се искористи овој момент и да се постигне решение кое ќе го деблокира евроинтеграцискиот процес за Северна Македонија.
Како што информираат од Владата, Заев му ја пренел на министерот за надворешни работи на Португалија пораката на единство на Македонците, Албанците и на сите други заедници во Северна Македонија околу процесите за европеизација на земјата во сите сфери на општеството, како наша обврска во постигнување на европските стандарди. Тој рекол дека дека земјата ги исполнила сите критериуми, потврдени и во извештаите на Европската комисија и дека сега Брисел е на потег да испорача организирање на меѓувладината конференција за почеток на пристапниот процес.
„Сите сме единствени, европеизацијата треба да оди без обиди за загрозување на македонскиот идентитет и сите граѓани на Северна Македонија, без разлика на која етничка заедница припаѓаат, се единствени по ова прашање“,
нагласил Заев на средбата со Силва.
