Во разговорот со директорка за Западен Балкан во Службата за надворешна политика на ЕУ било посочено дека Унијата треба да ја имплементира одлуката од март 2020 година, со што С Македонија ќе ги започне пристапните преговори
Актуелниот момент поврзан со членството на Северна Македонија во ЕУ и состојбите во регионот биле главни теми на средбата во Владата на премиерот Зоран Заев со генералната директорка за Западен Балкан во Службата за надворешна политика на ЕУ, Ангелина Ајкхорст.
Како што информираше премиерот Заев, вечерва на својот фесјбук-профил, на работна средба присуствувале и заменикот на Ајкхорст, Марко Маковец, и шефот на Делегацијата на ЕУ во нашата земја, Дејвид Гир.
„Со заменик претседателот во Владата за европски прашања, Никола Димитров, потенциравме дека ќе биде клучно самитот на ЕУ со Западниот Балкан да даде јасна порака за европската иднина на регионот, но уште поважно – ЕУ да ја имплементира одлуката од март 2020 година, со што Северна Македонија ќе ги започне пристапните преговори. Со соседна Бугарија и понатаму ќе продолжиме да бараме европско решение што ќе овозможи двојна победа“,
пишува Заев.
Тој посочува дека соговорниците уште еднаш ја изразиле поддршката на Брисел, верификувана и од одлуката на Европскиот совет , Северна Македонија и ЕУ да ја одржат првата меѓувладина конференција од тој процес.