Македонскиот претседател и шефот на дипломатијата на Португалија разговарале за можностите за напредок на С Македонија во евроинтеграциите, во пресрет на состаноците на ЕУ до крајот на оваа година
Претседателот Стево Пендаровски, денеска во Малме, на маргините на Меѓународниот форум за сеќавање на Холокаустот и борба против антисемитизмот, оствари средба со министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантош Силва, кој беше во посета на Скопје во мај годинава, за време на португалското претседавање со ЕУ.
Пендаровски и Силва на средбата разговарале за можностите за напредок на Северна Македонија во евроинтеграциите, во пресрет на одржувањето на состаноците на Европската Унија до крајот на оваа година.
„Заблагодарувајќи се за досегашната поддршка и конструктивните предлози од Португалија за надминување на блокадата предизвикана од приговорите на Бугарија, Пендаровски подвлече дека продолжениот застој во процесот на проширување на Европската Унија ќе има долгорочни негативни последици врз развојот и стабилноста на целиот регион и притоа изрази очекување дека поддршката од Португалија ќе се интензивира во наредниот период“,
се наведува во соопштението од средбата.
Двајцата соговорници, како што информираат од претседателскиот кабинет, изразија очекување дека уште за време на тековното словенечко претседавање со ЕУ ќе биде направен исчекор во процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ.
Во оваа насока, Пендаровски истакнал дека поддршката од Португалија во процесот на нашето пристапување кон Европската Унија, пред се во областа на заштитата на животната средина, реформите во администрацијата и земјоделството е добредојдена.
Пендаровски и Силва разговарале и за билатералните односи на двете држави, при што изразиле подготвеност за нивно унапредување, како и за развој на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Соговорниците исто така ја истакнале потребата од зајакнување на соработката во економијата.