Претседателката на Уставен суд и министерот за правда се согласиле дека во најскоро време мора да биде решен проблемот со екипирањето на судот, кој сега функционира со пет од вкупно девет членови
Загриженост за функционирањето на Уставниот суд со четири судии помалку од она што е предвидено во Уставот изразила претседателката на Судот, Добрила Кацарска, на денешната средба со министерот за правда, Никола Тупанчески.
Во соопштение од Уставниот суд за средбата Кацарска – Тупанчески се наведува дека и двете страни се согласиле дека ова е прашање од врвен интерес за државата и заштитата на уставниот поредок и во најскоро време треба да биде решено.
Како што се посочува во соопштението, тема на разговор биле и „заемните заложби за владеење на правото и функционален правен систем, како и нотирањето на предизвиците, но и позитивните аспекти од промените кои што произлегуваат од носењето на интерните акти во Судот“.
Кацарска го информирала министерот за правда за проблемите на Судот во смисла на просторното сместување, потребата од опремување на сервер-салата, зголемувањето на кадровските капацитети, како и потребата од законско уредување на материјалниот статус на уставните судии и вработените во службата на Судот.
Тупанчески, пак, како што се наведува, ја афирмирал клучната улогата на Судот и се заложил за идна поредовна соработка и поддршка, со вложување максимални напори за зајакнување на капацитетите на оваа институција. Во тој контекст, биле разменети мислења за пристапот до целосна функционална и финансиска независност на Судот, преку компаративни примери од европските земји.
„Исто така, министерот најави поддршка преку ИПА 3, со која е предвидено зајакнување на капацитетите и ефикасноста на Судот, преку поддршка за измени на Деловникот на Судот, обуки и студиски посети на судиите и стручната служба и подобрување на ИТ-инфраструктурата на Уставниот суд“,
се наведува во соопштението од Уставен суд.