За БиХ, Северна Македонија е важен меѓународен партнер. Членка на НАТО од која очекуваме и имаме поддршка како за наш напредок кон полноправно членство. Нема стабилен Балкан додека сите држави на регионот не бидат на неповратниот пат кон ЕУ, рече Турковиќ
Македонскиот шеф на дипломатијата, Бујар Османи смета дека пријателството што постои меѓу луѓето во Северна Македонија и Босна и Херцеговина ќе се одрази на институционалната и севкупната меѓудржавна соработка.
Северна Македонија денеска е домаќин на заменик претседавачот на Советот на министри и министерка за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ, која со нејзиниот колега Османи, освен за прашања од заеднички интерес на двете држави, разговарале и за други регионални прашања.
Според Османи, минатата година била особено важна за двете држави по однос на европската перспектива.
„Република Северна Македонија после 17 години чекање кандидатски статус ги почна преговорите за членство, БиХ во декември го доби кандидатскиот статус, што мислам дека беше многу важна порака и од ЕУ, која што дава сигнал за една кредибилна европска перспектива на регионот. Меѓутоа, мислам дека ќе придонесе значително и во нашите држави во однос на продолжување на реформскиот правец по однос на стабилизирањето на регионот во целина“,
рече тој.
Османи кажа дека С Македонија е подготвена да го сподели искуството со кандидатски статус за понатамошниот тек на спроведување на реформи.
„РСМ дава силна поддршка на евро-атлантската интеграција на БиХ, како членка на НАТО. Во овој дел можеме да помогнеме во рамки на споделување на искуство, во рамки на реформските активности, и ја охрабруваме БиХ да продолжи на тој пат, бидејќи нема алтернатива за стабилен и просперитетен регион отколку сите земји во регионот да се движат на пат кон ЕУ и кон НАТО“,
рече Османи.
Турковиќ истакна дека за БиХ, Северна Македонија е важен меѓународен партнер.
„Членка на НАТО од која очекуваме и имаме поддршка како за наш напредок кон полноправно членство. Нема стабилен Балкан додека сите држави на регионот не бидат на неповратниот пат кон ЕУ“,
рече заменик претседавачот на Советот на министри и министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина.
Османи, пак, дополни дека ќе придонесе и претседавањето на Јадранската повелба, каде БиХ е член, а со новиот стратегиски концепт од повелбата за наредните 20 години, како што кажа, посебен акцент се става на членството на БиХ и Косово во НАТО.
„Претседавањето со ОБСЕ е исто така уште една можност. Разговаравме, бидејќи во БиХ ОБСЕ има сериозна теренска мисија, не само во Сараево, туку и низ другите градови, со едно големо и богатото искуство во сите циклуси на конфликт, и во тој дел исто така ОБСЕ ќе биде активно, бидејќи знаете, нашиот фокус е токму на теренските активности и улогата што ОБСЕ ја има на терен и влијанието што го има врз животот на луѓето“,
рече тој.
Како што кажа Османи во мај оваа година се одбележуваат 30 години дипломатски односи помеѓу двете држави.
„Тоа се 30 години пријателство, соработка, меѓусебна поддршка, но и заедничка визија за регионот и за евроатлантската перспектива на овој регион“,
рече министерот, дополнувајќи дека РСМ силно го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ.
Министерот заклучи дека јубилејот од 30 години е важна можност да се направи пресек на тоа до каде сме, не само во политичката соработка, во економската соработка, туку, кои се целите на соработката во наредните 30 години.
Турковиќ, од своја страна истакна дека треба да се воспостави и функционална рамка за подобра патна комуникација и посилно економско поврзување.
„Имаме билатерални договори спогодби, но ни недостасува лет Сараево-Скопје. Треба двете страни да инвестираат во таа насока, и економскиот резултат ќе биде многу подобар за двете земји. Би било добро да потпишеме меѓудржавен договор за економска соработка, за што и денеска разговаравме“,
рече таа, дополнувајќи дека разговарале и за општата ситуација во регионот.
Според неа, периодот за претседавање на ОБСЕ е време во кое регионот треба да покаже дека одлучува не само за овој дел на светот, туку и пошироко.
„Тоа е важен чекор и можност, и верувам дека претседавањето ќе биде исклучително добро и важно, не само за Република Македонија, туку за целиот регион и пошироко, за целиот свет. Двете држави се жртви на регионални движења кои влијаат на нашиот брз напредок кон ЕУ. БиХ сака регионална соработка во рамки на Берлинскиот процес со цел нашето поврзување да го забрза доближувањето на целиот регион на ЕУ“,
рече таа.
Турковиќ денеска треба да има средби и со претседателот Стево Пендаровски и со претседателот на Собранието Талат Џафери.