Владеењето на правото и борбата против корупцијата се прашања на кои треба да стави посебен акцент новата Влада, по затворањето на билатералните прашања со соседите, било заклучено на денешната средба на премиерот Зоран Заев со Дирк Јан Коп, амбасадор на Кралството Холандија во Скопје.
На состанокот, како што соопштија од кабинетот на Заев, се изразени честитки за формирањето на новата Влада, согласно со законските и уставните рокови. При тоа е констатирано дека на почетокот од функционирањето на Владата „се видливи ветувачки амбиции и планови за ефикасна работа“ . Оценето е дека добрососедските односи се вредност и за нашата земја и за регионот и дека постои релаксирачка клима во државата за посветена работа на внатрешен план.
Заеднички е ставот дека области на кои треба да се посвети посебно внимание во претстојниот период се владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата, каде е направен голем прогрес во легислативата, која сега треба целосно да се имплементира. Премиерот Заев, како што е соопштено, објаснил дека Владата е силно посветена на овие приоритети.
„Сега е време за резултати на планот на економијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата. Решени сме да воспоставиме функционална правда, за ефикасна борба со криминалот и корупцијата и за развој на економијата. По решавањето на билатералните прашања со соседите, како што покажа и средбата во Атина, отворивме шанси за поинтензивна економска соработка и на регионално ниво, што ќе донесе економски бенефити за граѓаните на нашите држави“,
истакнал премиерот Заев.
На состанокот се разговарало и за можностите за помош и поддршка од Холандија во важните области во евроинтеграцискиот процес како и за интензивирање на билатералната соработкаво областа на економијата.
