Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска оствари средба со директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски на која, како што информираат, било разговaрaно за претстојниот попис на населението и за потребата од евентуална меѓусебна соработка во делот на попишување на бездомните лица и на лицата без документи.
Шахпаска информирала дека министерството реализира постапки за обезбедување документи за идентификација на овие лица, а во однос на бездомните лица посочила дека преку системот на центрите за социјални работи можат да се обезбедат податоци за нивно лоцирање и евидентирање.
Во соопштението од Министерството за труд и социјала се посочува дека Симоновски на средбата истакнал дека институциите се подготвени, како и дека пописот ќе биде спроведен со употреба на најмодерни алатки и технологии, согласно меѓународните стандарди и критериуми на Евростат.
Истовремено, ќе се попишува на терен, преку директно интервју со лицата, но и користење податоци од регистри, односно бази на податоци.
Соговорниците ја истакнале важноста од претстојниот попис и неговото спроведување со оглед на тоа дека последниот попис во државата е направен во 2002 година. Оваа година пописот ќе се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2021 година.