Од МНР информираат дека Гир и Муцунски зборувале за важноста на евроинтегративниот процес за стабилноста на регионот и, во таа смисла, потребата од што поскоро интегрирање на земјите од Западен Балкан во ЕУ

Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски денеска оствари средба со евроамбасадорот Дејвид Гир, на која разговараа за фокусот на Владата кон забрзување на евроинтегративниот процес на земјата.
На средбата беше укажано и на потребата од испорачување на реформи кои ќе значат напредок за граѓаните, најмногу во делот на обезбедување економски развој, унапредување на владеењето на правото и борбата со високата корупција.
Од МНР информираат дека Гир и Муцунски зборувале за важноста на евроинтегративниот процес за стабилноста на регионот и, во таа смисла, потребата од што поскоро интегрирање на земјите од Западен Балкан во ЕУ.
Во однос на Планот за раст за Западен Балкан кој претставува значаен политички и финансиски влог на ЕУ за забрзување на интеграцијата на земјите од овој простор во Унијата, министерот Муцунски подвлекол дека новата влада за многу краток рок донесе решенија и деновиве ја достави Реформската агенда на земјата до Европската комисија.
Од МНР соопштија дека денеска Муцунски остварил средба и со амбасадорите на Италија и на Австрија, Андреа Силвестри и Мартин Памер, како и со економскиот советник, шеф на Advantage Austria за регионот, Јирген Шредер.