Памер изразил уверување дека уставните измени ќе успеат и укажал дека посветеноста на процесот и искрената заложба на Владата, преку преземање конкретни чекори за исполнување на задачите за приближување кон Европската Унија, е силна потврда дека Северна Македонија треба да биде членка на ЕУ

Текот на скрининг-процесот, уставните измени и важноста да се задржи европскиот дискурс на државата во овој момент, се темите за кои вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска разговарал на средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Австрија, Мартин Памер.
Амбасадорот Памер на средбата потврдил дека Република Австрија го поддржува проширувањето на Европската Унија и дека ќе продолжи да биде наш сојузник на патот кон ЕУ.
Од Секретаријатот за европски прашања (СЕП) велат дека Памер изразил уверување дека уставните измени ќе успеат и укажал дека посветеноста на процесот и искрената заложба на Владата, преку преземање конкретни чекори за исполнување на задачите за приближување кон Европската Унија, е силна потврда дека Северна Македонија треба да биде членка на ЕУ.
Од СЕП велат дека вицепремиерот Маричиќ на средбата посочил дека членството во Европската Унија е од национален интерес и дека Владата е посветена и прави напори да ја задржи државата на европскиот пат. Маричиќ рекол дека „сме подготвени на тешки и темелни реформи за побрзо да ги достигнеме европските стандарди“ и дека за тоа помош имаме и од нашите европски партнери.
Маричиќ изразил уверување дека Северна Македонија и Австрија ќе ги зајакнуваат добрите билатерални односи и дополнително ќе ја унапредуваат соработката, особено во пристапниот процес и спроведувањето на реформската агенда, се додава во соопштението.