Ова не важи за оние што од овие земји влегуваат во Србија само за транзит
Србија ја зајакна санитарната контрола на сите гранични премини поради враќањето на туристите од летните одмори од земји со зголемен број заболени со ковид-19.
Како што јави МИА од Белград, српската влада воведе мерки за патници што доаѓаат од нашата земја, Бугарија, Романија и Хрватска, кои ги смета за земји со неповолна епидемиолошка состојба.
Граѓаните на овие земји и сите што влегуваат од нив во Србија се бара задолжителен негативен ПЦР-тест направен не подолго од 48 часа од денот на издавањето.
На другите патници српската гранична полиција им дели предупредувања во кои се наведени карактеристиките и симптомите на ковид-19, со истакнати телефонски броеви на институтите за јавно здравје.
Според новите правила што ги донесе Министерството за здравство на Србија, за македонските државјани што транзитираат низ територијата на Србија не е потребно да приложуваат негативен ПЦР-тест при влез во оваа земја, со тоа што периодот за транзитирање е лимитиран на 12 часа од моментот на преминување на границата.