Веќе неколку дена над 210 илјади домаќинства во Србија, кои се корисници на услугите на „Телеком Србија“, а од завчера и оние на нивниот кабловски провајдер „Супернова“, не можат да ја следат програмата на независната телевизија Н1 (подружница на Си-ен-ен). Освен неа, гледачите во своето телевизиско „мени“ ги немаат ниту каналите на „Спортклуб“, „Синеманија“ и неколку програми за деца.

Причина за тоа е одбивањето на двата оператора („Телеком Србија“ е во сопственост на државата) да ги продолжи договорите со компанијата „Јунајтед медиа груп“ која е застапник за правата на Н1 и на овие телевизии.
Објаснувањето на двата оператора е дека понудата на „Јунајтед медиа груп“ се однесува само за реемитување на Н1, додека од групацијата тврдат дека нудат потполно исти услови како и во претходниот договор склучен со нив.
Ситуацијата е особено специфична со оглед дека во српскиот етер, особено во информативната зона, целосно доминираат телевизиски „аутлети“ кои дуваат ветер во едрата на политиката на Вучиќ.

Со овој чин Србија полека влегува во медиумски мрак, дополнително обременет со фактот дека годинава ја чекаат избори, кои делумно и поради ваквата состојба се најавува ќе бидат бојкотирани од опозицијата.
Под контрола на власта, односно како пропагандни машини на режимот на Вучиќ, функционираат сервисите на Радио-телевизија Србија, но и четирите национални фреквенции „Пинк“, „Прва“, „Хепи“ и 02 (поранешна Б92). Сопствениците на приватните телевизии важат за блиски до Вучиќ и неговата партија. На нивните програми постојано се вршат директни преноси од настани во кои се промовираат политиките на власта, гостите во дебатните емисии се избираат по истиот принцип, а опозицијата е мета на континуирана критика, без право јавно да го спротивстави својот став.

фото: Драгана Удовичиќ
Последната во низата емисии што се симнати од програмата или чии автори сами се повлекоа поради „валканиците“ со кои не сакаат да се поистоветуваат е „24 минути“ на популарниот Зоран Кесиќ. Тој замина во кабловската ТВ „Нова С“ (во сопственост на „Јунајтед медиа груп“), на која се преселија и забранетите Оља Бечковиќ, Иван Ивановиќ, како и Наташа Миљковиќ (екс „Упитник“) и Маја Николиќ. Во информативните појаси на оваа телевизија се реемитуваат вестите на телевизијата Н1.
Ситуацијата е слична, ако не и полоша, на јавниот сервис. Стотина членови на академската заедница веќе се потпишани на петицијата со која бараат РТС да почне да го почитува Законот за јавно информирање и да престане со прикривање на вистината, дезавуирање и манипулирање на гледачите. Тие сметаат дека РТС користи слична шема на пласирање вести како во времето на Милошевиќ.

Велат дека ако тогаш РТС била користена за дезинформации и лаги, пропагандната војна што денес се води од тој центар е уште пострашна и базирана на неверојатен примитивизам со кој не се убива опозицијата, туку здравиот разум на гледачите.
Потписниците не бараат ништо повеќе од објективен пристап во известувањето. Тоа за нив подразбира можност за рамноправен настап на сите релевантни страни и актери. Со тоа би можело непречено и без цензура да се изнесат сите аргументи и мислења.