Со воведувањето на ваква мерка, српските власти го ставија во мирување и договорот кој го имаше оваа земја со Северна Македонија и Албанија, а кој предвидуваше дека државјаните на трите земји да може да се движат преку граница без ПЦР тест
Кризниот штаб во Србија утре ќе заседата и ќе разговара за неколку мерки, меѓу кои и за мерката за задолжителен негативен ПЦР тест за влез на српска територија.
Најавата денеска ја даде премиерката Ана Брнабиќ, која посочи дека на утрешната седница ќе се разговара и за работата на училиштата и за економски мерки.
Во Србија денеска истекува мерката која ја воведе од 20 декември 2020 со која на странците и на своите државјани за влез во земјата им беше потребен негативен ПЦР тест, не постар од 48 часа.
Со воведувањето на ваква мерка, српските власти го ставија во мирување и договорот кој го имаше оваа земја со Северна Македонија и Албанија, а кој предвидуваше дека државјаните на трите земји да може да се движат преку граница без ПЦР тест. Српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерот Зоран Заев и албанскиот премиер Еди Рама, во октомври договорија и дека државјаните на трите земји може да се лекуваат во болниците во која било земја доколку се разболат од ковид за време на престојот.
Инаку, во Србија веќе е во тек вакцинацијата. Според информациите кои денеска ги соопшти премиерката Брнабиќ, досега се вакцинирани 9 300 лица – жители на домовите за стари и здравствени работници.
„Србија до крајот на јануари ќе има два милиона вакцини од различни производители, вклучувајќи ги и количините што пристигнаа на крајот на декември. Во февруари се очекуваат дополнителни 1,3 до 1,5 милиони дози вакцини и се надевам дека во мај или јуни ќе можеме да ја завршиме вакцинацијата“,
изјави Брнабиќ.
Во Србија во моментов се користат две вакцини, едната на „Фајзер“ и Бионтек“ и руската вакцина „Спутник V“, а Брнабиќ најави пристигнување и на кинеската „Синофарм“. Таа повтори дека нејзината земја во моментов има договор за осум милиони дози вакцини од различни производители со што би можеле да се вакцинираат четири милиони луѓе со оглед дека едно лица прима две дози.