Музичкиот фестивал „Егзит“, годинава нема да се одржи.
Иако датумот еднаш беше поместен, па наместо во јули, фестивалот на Петроварадинската тврдина беше презакажан да се одржи од 13 до 16 август, организаторите информираа дека поради состојбата со пандемијата донесена е одлука фестивалот да се откаже.
„Имајќи предвид дека епидемиолошката ситуација во земјата во меѓувреме не се подобри, а здравјето и безбедноста на сите учесници на фестивалот ни се на прво место, ве известуваме дека 20. издание на ‘Егзит’ дефинитивно нема да се одржи од 13 до 16 август на Петроварадинската тврдина“,
соопштија организаторите.
Српската влада во мај донесе одлука за поместување, а не за целосно откажување на годинашниот фестивал.
Организаторите тогаш најавија дека и покрај севкупната состојба, фестивалот ќе се одржи во соработка со Националниот кризен штаб на Србија, а една од мерките беше да се намали капацитетот на фестивалот за половина од вообичаените 55 000 посетители на ден.
Во последното соопштение организаторите посочуваат дека до крајот на месецот ќе ги објават датумите за „Егзит 2021“.