Неколку стотини демонстранти вечерва се собраа пред Собранието во беглрад, многу помалку од претходните денови, на протестите што веќе седми ден се случуваат во главниот град на Србија и во неколку други градови во земјата.
Како што јавуваат тамошните медиуми, пред присутните се обратиле лидерот на „Доста“ Саша радулович и пратеникот во претходниот состав Срѓан Ного кои истакнале неколку барања, по кои останатите присутни не се изјасниле. Радуловиќ повикал на поништување на парламентарните избори, додека Ного истакнал седум барања: ослободување на сите уапсени демонстранти и запирање на постапките против учесниците на протестите, запирање на формирањето влада и парламент на основа на неодамншните избори, одговорност за сите политичари кои преку изјава би гарантирале спроведување на својата програма, техничка влада во рок од една година, како и барање за апсење на членовите на Кризниот штаб поради ситуацијата со коронавирусот.
Во медиумските извештаи се забележува дека протестите секој нареден ден започнуваат се подоцна и на нив има се помалку присутни, а собирите наликуваат на дебати на кои демонстрантите разговараат со претставниците на опозицијата и со јавни личности. Атмосферата била мирна и без инциденти и скандирања.
Вечерва нешто по 22 часот насобраните заминале.
Протестни собири вечерва се одржале и во Ниш, Чачак, Зрењанин и Нови Сад. Како причина за незадоволството беше најавата за воведување полициски час поради влошувањето на епидемиолопката состојба во земјата, одлука која потоа беше повлечена, но протестите се претворија во израз на незадоволство од актуелната власт. Во првите денови протестите беа проследени со нереди и насилства, со упад во Собранието, со приведувања и употреба на солзавец од страна на полицијата.