Росо во писмена изјава за МИА посочила дека на 21 јануари годинава, за време на нејзиното учество на обука за стратегии за генерирање приходи за непрофитни организации, која се одржала од 20 до 21 јануари во Белград, се соочила со неочекуван инцидент кога по враќањето во хотелот била задржана од полицијата без јасно објаснување
Од МНР ќе побараат објаснување во поглед на оправданоста на преземените мерки, „особено имајќи го предвид нашето очекување дека тие се во согласност со законските рамки на Република Србија, но и со европските и меѓународни стандарди за човекови права“
Србија ноќта помеѓу 21 и 22 јануари протерала 13 странски државјани од Хрватска, Словенија, Словачка, Македонија, Албанија, Молдавија, Романија, Австрија и Чешка. Тие биле дел од „Ерсте академија“ за невладини организации, во организација на фондацијата „Ерсте“. Учесниците биле приведени ноќта од хотелот во кој биле сместени во Белград без објаснување, а по неколкучасовно задржување морале веднаш да ја напуштат Србија. Притоа добиле и забрана од една година за влез во земјата, објавуваат медиумите од регионот..
Меѓу протераните, како што информира МИА, е и македонската државјанка Искра Росо, извршна директорка на Здружението за поддршка на лица со посебни потреби СОЛЕМ. Имено, таа била спроведена од хотелот каде што престојувала во Белград без објаснување.
Росо во писмена изјава за МИА посочила дека на 21 јануари годинава, за време на нејзиното учество на обука за стратегии за генерирање приходи за непрофитни организации, која се одржала од 20 до 21 јануари во Белград, се соочила со неочекуван инцидент кога по враќањето во хотелот била задржана од полицијата без јасно објаснување. Росо вели дека подоцна дознала дека и била издадена забрана за влез во Србија во траење од 12 месеци врз основа на Законот за странци.

„По враќањето во хотелот каде што бев сместена, бев задржана од страна на полицијата и заедно со уште неколку учесници, префрлена во полициска станица без јасно објаснување. Подоцна дознав дека ми беше издадена забрана за влез во Србија во траење од 12 месеци, врз основа на член 78 од Законот за странци. За време на процесот, не добив објаснување за задржувањето, што дополнително ја зголеми неизвесноста и вознемиреноста кај мене и другите учесници. Иако морам да напоменам дека полицијата во Белград се однесуваше крајно професионално. Веќе имам поднесено барање до Министерството за надворешни работи во Скопје за добивање информации за причините за издавање на забраната за влез, а воедно подготвувам процес за жалба на решението“,
посочува Росо во изјавата за МИА.
МНР: Ќе бараме одговор од српските власти
По ова реагираше македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија кое изрази загриженост поради протерувањето од Република Србија и забраната за влез од една година на Росо која имала регулиран престој во државата, и која, според наводите на надлежниот орган на Република Србија, претставувала безбедносна закана.
Во овој контекст, посочуваат од МНР, ќе побараат објаснување во поглед на оправданоста на преземените мерки, „особено имајќи го предвид нашето очекување дека тие се во согласност со законските рамки на Република Србија, но и со европските и меѓународни стандарди за човекови права“.
„Искрено, очекуваме дека овој случај ќе биде разрешен на соодветен начин, преку дијалог и со присутна добра волја од двете страни, како и во интерес на задржување на континуитетот во градењето на пријателските и добрососедски односи помеѓу двете земји“,
велат од МНР.
ЕК: Србија да ги почитува правата на организациите на граѓанското општество
За протерувањето на граѓанските активисти вчера се огласи и Европската комисија, која побара од Србија како кандидат за членство во ЕУ да ги почитува правата на организациите на граѓанското општество.
„Европската Унија ги поддржува организациите на граѓанското општество во сите земји опфатени со процесот на проширување, вклучително и Србија, и нагласува дека почитувањето на нивните права е дел од обврските од преговорите за членство во ЕУ. Граѓанското општеството и независните медиуми играат витална улога во развојот на здраво и демократско општество“,
изјави портпаролот на Европската комисија за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие.
Според Мерсие, напредокот на Србија на патот кон ЕУ зависи од активното учество на сите засегнати страни во тој процес и преку поддршка на напорите на граѓанското општество и медиумските организации за изградба на демократска и инклузивна Србија во интерес на сите граѓани.
Во Белград и во Србија деновиве се одржуваат протести против актуелниот претседател и владата. Во Србија денеска почна генерален штрајк или општа граѓанска непослушност, на кој граѓаните беа повикани од страна на студентите и средношколците.