Српскиот епидемиолог Предраг Кон оцени дека Србија полека почнува да излегува од интензитетот на епидемијата откако беа соопштени новите бројки дека во изминатото деноноќие се регистрирани 162 новозаразени
Граѓаните на Србија и Унгарија од денеска ќе можат да ја преминуваат границата, доколку работат во соседната земја или обработуваат земјиште од другата страна на границата, објави на својот Фејсбук профил унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Граѓаните на Србија, по влегувањето во Унгарија, ќе бидат прегледани со мерење на нивната температура, а ќе треба да достават и потврда дека работат или имаат земја во Унгарија и дека се наоѓаат во круг од 50 километри од двете страни на границата.
Преминувањето ќе биде овозможено на три гранични премини – Реске (Хоргош), Томпа (Келебија) и Херцегсанто (Бачки Брег), соопшти РТС.
Сијарто истакна дека ова е резултат на договорот со српските власти, а на барање на народните пратеници и голем број граѓани во двете држави.
Министрите за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, и на Унгарија, Петер Сијарто, се сретнаа денеска на преминот Хоргош да ја потврдат оваа одлука.
Инаку, во изминатите 24 часа, тестирани се 2 688 лица, од кои позитивни на вирусот биле 162 лица, со што вкупната бројка на заразени сега изнесува 7 276 граѓани.
Регистрирани се и пет нови смртни случаи, четри мажи и една жена, со што вкупниот број на починати се искачи на 139.
Според статистиките кои беа денес презентирани, епидемиологот Предраг Кон посочи дека во Србија има околу шест отсто заразени во однос на бројот на тестирани.
„Повеќе немаме сериозно жариште, секаде се под 15 проценти заразени, а во повеќето делови на Србија под 10, и Војводина се гаси, и Белград исто – нешто над шест проценти“,
забележа Кон.
Тој, сублимирајќи ги денешните податоци, оцени дека Србија полека почнува да излегува од интензитетот на епидемијата, дека се намалуваат инцидентните ситуации и дека за две недели ќе се премине кон поединечно откривање на заболените.