Сервисот „Спотифај“, најбрзорастечка светска платформа за музика, од денеска е достапен и на македонскиот пазар.
Овој провајдер, како дел од својата стратегија за проширување по минатогодишното пробивање во Индија, сега е достапен уште во 13 земји. Покрај Македонија, тој започна со нудење бесплатни и претплатнички услуги и на пазарите во: Русија, Албанија, Косово, Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија, Украина, Молдавија, Белорусија и Казахстан. Со ова проширување, „Спотифај“ станува достапен на вкупно 92 пазари.
Главниот извршен директор, Даниел Ек, изјавил дека силниот раст за време на глобалната пандемија ги убедил да продолжат со плановите за лансирање на нови пазари.
Од новите земји каде се нудат услугите, Русија е најголемиот пазар. Тие се 17-ти најголем пазар за стриминг на музика на глобално ниво бидејќи околу 87 проценти од луѓето таму слушаат музика преку интернет. Вкупно, на сите 13 нови пазари, „Спотифај“ има 250 милиони потенцијални клиенти.
„Можеме да бидеме полокални од глобалните конкуренти, а истовремено и поглобални од конкуренцијата на локално ниво … Отвораме прозорец кон светот за потрошувачите на музиката, а од друга страна и за креаторите на истата“,
изјавил Густав Гиленхамар, потпретседател во компанијата задолжен за пазарот.
„Спотифај“ е шведска компанија, основана во 2006 година, додека платформата е лансирана во 2008 година. Обезбедува пристап до над 50 милиони песни, а корисниците може да создаваат плејлисти и да споделуваат, да пребаруваат по параметри, како што се изведувачи, албуми, жанр.