„Тој (Груби) не кажа за сè, туку точно посочи за кои процеси, а тука пред сè се мисли на зачленувањето во НАТО, на унапредувањето на демократијата и на отпочнувањето на преговорите со Европската Унија“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање
Наводите во однос на Русија кои денеска ги кажа првиот вицепремиер Артан Груби во денешното негово обраќање на отворањето на годинешната конференција „Година на европски можности“, според премиерот Димитар Ковачевски се факти кои сите ги знаат.

Груби во својот говор ја посочи Русија како земја која била против сите стратегиски одлуки кои земјава ги донела изминативе две децении – од Охридскиот договор и Преспанскиот договор до актуелните процеси за зачленување на земјава во Европската Унија. Груби, во оваа насока ја спомена Русија и во контекст на случувањата во Собранието од 27 април 2017 година.
Прашан дали се согласува дека сите проблеми во државата произлегуваат од Русија, па дури и 27 април, премиерот рече дека Груби во говорот бил многу конкретен и точно ги посочил процесите за кои смета дека Русија била против.
„Вицепремиерот Артан Груби беше многу конкретен и посочи кон Русија во однос на стратегиските одлуки и процеси коишто се правеле и се прават во Република Северна Македонија и дека Русија секогаш била против. И тоа се факти коишто сите ги знаат. Тој не кажа за сè, туку точно посочи за кои процеси, а тука пред сè се мисли на зачленувањето во НАТО, на унапредувањето на демократијата и на отпочнувањето на преговорите со Европската Унија“,
рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање во рамките на конференцијата.

На потсетување на новинарката во врска со наводите за случувањата во Собранието, премиерот додаде:
„…па, тоа беше исто дел од воспоставувањето на демократските процеси во државата. Ние имавме 11 години заробена држава“,
рече Ковачевски.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците во својот говор на отворањето на конференцијата рече дека во земјава има сили кои јавно кажале дека се залагаат за европски фронт и други кои сè уште не се изјасниле за што се – дали за руски источен фронт или за европски.
„Европскиот фронт има само еден пат, а за тој се залагаме сите ние што сме во оваа сала. Од сите вас зависи, од сите нас заедно каде и каква ја сакаме нашата заедничка Македонија, да биде европска или руска“,
рече Груби, притоа осврнувајќи се на пораките кои вчера од Скопје ги испрати помошник-државниот секретар на САД, Џејмс О’Брајан, кој присуствуваше на состанокот на лидерите на земјите од Западен Балкан посветен Планот за раст на ЕУ за регионот.
Пред да го заокружи својот говор со овие пораки, првиот вицепремиер ја посочи Русија како фактор за голем број од предизвиците со кои се соочила земјава изминатите години.
„Во последните две години на оваа наша заедничка влада, но и во последните четири години на оваа коалиција и на ова прогресивно мнозинство, но и на претходната влада и коалиција од изборите на 11 декември 2016 година и формирањето на Владата во јули 2017 година, ова наше прогресивно заедништво се соочуваше со многу предизвици кои имаа само едно заедничко име, само еден единствен фактор на поттикнување, само еден центар на координација и инспирација, а тоа е Русија“,
рече Груби.

Во овој контекст тој се осврна на нередите во Собранието од 27 април, велејќи дека тогаш имало припадник на руските служби кој заедно со колега од нашето соседство ги поттикнуваа ти што протестираат да влезат во зградата на Парламентот и да ги линчуваат пратениците. Потсети на изјави на портпаролката на руското МНР и на претседателот на Русија кој, како што рече Груби, ги знаеше сите села во Македонија ги споменуваше во негови интервјуа.
„Велеше дека огнената раскрсница за Русија во однос на проширувањето на НАТО е Македонија. Ова е изјава цитирана од страна на Лавров, а потоа Путин го спомнуваше и кумановско Грушино за да поттикнува меѓуетнички конфликти во Македонија, меѓу Македонците и Албанците, сè до случаите кои се случуваа трагични во нашите градови“,
рече денеска првиот заменик на претседателот на Владата.
Според Груби, освен овие изјави, тие беа против Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор и направија сè што е можно да не се потпише тој договор, а, како што кажа првиот вицепремиер, и најголемиот инфраструктурен проект од осамостојувањето, па досега, изградбата на коридорот 8 и 10 бил опструиран токму од Русија.
„Се трудиме да градиме европски фронт на прогресивни сили во државата, кој и покрај сите грешки што сме ги имале во овие неколку години ќе бидат простени затоа што се жртвуваме себеси, нашите кариери, да не бидеме популисти, туку да носиме одлуки со кои градиме држава со тапија за идните генерации.Со сиот ризик да нè етикетираат како предавници, како што прават руските експоненти“,
рече тој.