Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ од Тетово ѝ „фрли ракавица на власта“
Власта намерно доцни со вакцинирањето, за корона-кризата да продолжи што повеќе, а тие да можат да ловат во матно, оцени денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, при посетата на компанија во Тетово.
„Еве, јавно да прашам и да фрлам ракавица до власта: дали причината поради која не набавуваат вакцини е тоа што сакаат кризата да трае што подолго. Затоа што колку подолго трае кризата и овие рестрикции, толку подобро за власта, не може народот да излезе на улици и да протестира против оваа власт и да ја собори. Дали власта намерно не купува вакцини со цел кризата да трае подолго и да можат да ловат во матно“,
праша Николоски.
Тој рече дека, за жал, Македонија е последна држава во Европа која почнува со вакцинација, со една, како што нагласи, многу скромна бројка вакцини што се донирани од Србија.
„И треба да знаат граѓаните дека денеска ќе почне имунизацијата и за два-три дена ќе заврши. Затоа што со овие 4 илјади дози ќе се вакцинираат 2 000 луѓе и ќе заврши тука работата. А треба да се вакцинира некаде околу 60-70 проценти од населението, доколку сакаме Македонија да се заштити од коронавирусот. До овој момент, да имавме одговорна власт, а ја немаме, Македонија требаше да има купено 2 милиони вакцини и милион луѓе да се вакцинираат“,
посочи Николоски.